Последното, 11 коло од првиот дел од сезоната, донесе и своевидна „реприза“ на случувањата од претходното, барем кога се во прашање оние индивидуални постигнувања.
По втор пат по ред, донесе уште неколку одлични поединечни изведби, а во преден план уште еднаш, беше онаа на Американецот во редовите на Чаир 2030, Дарел Френклин.
Чаирчани стигнаа до уште еден важен триумф, сега и против еден тим кој им е во конкуренцијата за „бегство“ од последните позиции на табелата, а Френклин, заедно со Јусуф Мохамед беа творците на четврттата победа во првиот дел од шампионатот за Чаир 2030.
ДАРЕЛ ФРЕНКЛИН (ЧАИР 2030)
Американецот во редовите на Чаир 2030 на средбата со Струмица 2022 доби само 45 секунди за одмор. Повторно ги одигра скоро сите 40 минути, но тоа не му сметаше да стигне до високи бројки.
Запиша 36 поени, погоди 11 од вкупно 18 упатени удари кон противничкиот кош (61% во шутот од игра). Но, освен тоа додаде и осум скока, имаше и по една асистенција, освоена односно загубена топка, за индекс 34.
СВЕТОЗАР СТАМЕНКОВИЌ (СТРУМИЦА 2022)
На другата страна од теренот беше српскиот интернационалец, кој прикажа уште една стандардно добра игра, но без краен тимски ефект – победа.
Одигра скоро 34 минути во кои реализираше 25 поени (4/8 за три и 3/5 за два и 7/9 за еден поен), плус девет скока, три асистенции, две блокади и една освоена топка, за индекс 32.
ЈУСУФ МОХАМЕД (ЧАИР 2030)
Се менуваа со Френклин, поентерски пред се, во играта на својата екипа во дуелот на двете екипи од долниот дел на табелата. Посебно добро одигра во првото полувреме во кое реализираше поголем дел до оние крајни 25 поени (8/11 за два поени и 8/11 од линијата за слободни фрлања), на кои додаде и 14 скока (четири офанзивни), две асистенции, но и пет загубени топки за скоро 30.минути, кои и го намалија неговиот краен индекс на 30.
ДУШАН ЈУЗБАШИЌ (КОЖУВ)
Имаше лудо отворање на средбата со Работнички. Феноменална прва четвртина, но неговиот ефект останува без траен белег затоа што Кожув сепак не го спречи Работнички во оној победнички чекор.
Но на крајот, сепак имаше дабл-дабл ефект, изразен преку реализација на 31 поен (10/18 за два и 2/4 за три поени), и 11 скока, односно индекс 30.
НИКОЛА МАЛЕШЕВИЌ (РАБОТНИЧКИ)
Одигра скоро перфектно на гостувањето во Гевгелија. За 28:30 минути имаше само еден неуспешен обид во шутот од поле. Го погоди единствениот обид за три поени , имаше (7/8 во шутот за два и 3/3 од линијата за слободни фрлања). Тоа го дополни и со осум скока, и две асистенции, без загубени топки, и одличен индекс-29.
ПРВА ПЕТОРКА
Дарел Френклин (Чаир 2030) 34
Светозар Стаменковиќ (Струмица 2022) 32
Јусуф Мухамед (Чаир 2030) 30
Душан Јузбашиќ (Кожув) 30
Никола Малешевиќ (Работнички) 29
ВТОРА ПЕТОРКА
Јуре Планиниќ (Еуро Никел 2005) 27
Бојан Трајковски (Феникс 2010) 26
Амар Хот (Феникс 2010) 26
Џордан Такер (Феникс 2010) 26
Мајкл Кафи (МЗТ Скопје Аеродром) 26
*Петорките се формираат врз основа на бројот на индексни поени