22.01.2024

Бојан Трајковски оствари трипл-дабл, втор во сезоната, а Џозеф Рис им се врати на старите „дабл-дабл навики“...

ПЕТОРКА НА КОЛОТО: Фуријата „Феникс“ ги однесе „лавовите“

Првото коло во новата 2024 година во Првата лига го одбележаа настаните на дуелот Феникс 2010 – Навико Академија ФМП. Или 40 минути во кои беше забележан еден троен ефект, го реализираше Бојан Трајковски...

ЏОЗЕФ РИС (ФЕНИКС 2010)

Иако Трајковски беше во т.н. „главна улога“, сепак, американското крило собра поголем број на индексни поени на овој премиерен меч во новата календарска година.

Имаше вкупно 37, а до нив дојде со реализација на 24.поени (шут од игра 11/17 односно 64%), имаше и половичен ефект од линијата за слободни фрлања (2/4). Но затоа пак собра дури 18. топки под двата коша (четири во фазата на нападот), а освен тоа допиша и по две асистенции, две освоени и две загубени топки за 30.минути поминати на теренот во малата сала на СЦ „Јане Сандански“.  

БОЈАН ТРАЈКОВСКИ (ФЕНИКС 2010)

По втор пат во оваа сезона искусното крило успева да направи индивидуален подвиг, односно да реализира т.н. „трипл-дабл“ за време на еден првенствен натпревар.

На овој, Трајковски дојде до 19. поени (3/7 за три, 2/4 за два и 6/6 за еден поен), 11 асистенции, 10.скока. А за 37:47 минути во игра, дополни и со една блокада, една освоена и три загубени топки, или сето тоа заедно – за индекс 33.

МАСК СМИТ МЕКСВЕЈН (ЕУРО НИКЕЛ 2005)

Само еден индексен поен помалку имаше играчот на прволигашот од Кавадарци, односно 32. За 32:21 минути во игра, крилото на Еуро Никел 2005 реализираше 26.поени, со високи проценти на реализација (5/7 за три, 5/7 а два) на кои придодаде и едно слободно фрлање. Освен тоа запиша и шест скока, две освоени топки, една блокада, и што е можеби и најважно – немаше ниту една загубена топка.  

ЏЕЈЛЕН ИНГРАМ (ГОСТИВАР)

На другата страна од теренот во салата „Јасмин“, доминираше крилото на гостиварци. Беше и најефикасен актер на овој исто така ефиксен натпревар. Постигна 29.поени (5/7 во обидите за три поени, 5/9 за два) и стонастотни (4/4) од линијата за слободни фрлања. Освен тоа, за 33:41 минута на паркетот, додаде и осум скока четири асистенции, имаше и исто толку загубени топки, како и една освоеена – за индекс 32.

АНДРЕЈ МАГДЕВСКИ (ПЕЛИСТЕР)

Видна беше неговата мотивација при враќањето во СЦ „Јане Сандански“ и мечот против својот поранешен клуб – МЗТ Скопје. Сега како играч на Пелистер, репрезентативниот бек беше многу блиску до реализација на троен ефект на дерби дуелот во СЦ „Јане Сандански“.

Како стартер реализираше 20.поени (4/12 за три, 3/6 за два поени, и 2/3 за еден). Имаше и 11.скока, осум успешни додавања, три освоени, три загубени топки и една блокада за 37.минути на теренот, односно 28 индексни поени.  

ПРВА ПЕТОРКА

Џозеф Рис (Феникс 2010)

Бојан Трајковски (Феникс 2010)

Смит Мексвејн (Еуро Никел 2005)

Дејвид Инграм (Гостивар)

Андреј Магдевски (Пелистер)

ВТОРА ПЕТОРКА

Андреј Атанасов (Вардар)

Виктор Ташовски (ТФТ Моцарт)

Роберт Рикиќ (Работнички)

Недим Мустафица (Чаир 2030)

Стефан Глигоријевиќ (Еуро Никел 2005)

*Петорките се формираат врз основа на бројот на индексни поени