29.01.2024

Реализираа по 33 индексни поени во15. круг од натпреварите

ПЕТОРКА НА КОЛОТО: Индивидуалните нијанси за Планиниќ и Роби...

ФОТО: Јуре Планиниќ (Пелистер) заедно со Давел Роби (Чаир 2030) имаат најголем број на индексни поени во ова коло

Колото број 15, второ во календарската 2024 година во Првата лига, донесе доста добри индивидуални остварувања, што донесоа и голема изедначеност, и „потешкотии“ во изборот на идеалната петорка.

Сепак, нијансите велат дека она индивидуално признание за најкорисен играч во ова коло го понесоа двајца кошаркари.

Со забелешка што валоризацијата на Давел Роби од Чаир 2030 е корисна, односно добитничка, што не е во случајот на Јуре Планиниќ од Пелистер, чија екипа загуби во дерби-дуелот со екипата на Еуро Никел 1005.  

ЈУРЕ ПЛАНИНИЌ (ПЕЛИСТЕР)

Во отсуство на Андреј Маслинко, силното крило на „пелистерци“ доби уште поголем простор за игра во мечот со кавадарчани. Одигра над својот просек. Односно дури 37:32 минути, во кои реализираше дабл-дабл ефект. Изразен со 25.поени, со висок процент на реализација во обидите за два поени (9/11) и максимален од линијата за слободни фрлања (7/7). Освен тоа додаде и десет скока, а имаше и четири асистенции, исто толку загубени и една освоена топка – за индекс 33.  

ДАВЕЛ РОБИ (ЧАИР 2030)

Со својот нов-стар тим имаше нешто полесна задача на гостувањето во Кале“ и средбата со Вардар. Но тоа, секако, не го спречи да дојде до исто толкав број на индексни поени – вкупно 33.

За да го достигне тоа му беа потребни  23.поени (2/6 за три, 7/11 за два и 3/4 за едне поен), плус девет асистенции, шест скока четири освоени топки, и ниту една загубена за 33:22 минути на теренот.

НЕДИМ МУСТАФИЦА (ЧАИР 2030)

Неговиот клупски колега имаше само еден индексен поен помалку – 32. Беше стрелец на 21.поен (1/4 за три, 8/10 за два и 2/3 за еден поен), но и десет скока, пет асистенции, една блокада и една освоен топка за 36:40 минути во игра.

МАЈКЛ АНДЕРСОН (ОХРИД)

Неговиот нов клуб, Охрид, загуби на гостувањето во Гостивар, но впечатлив е неговиот учинок во само вториот меч по доаѓањето во нашата Прва лига.

Одигра високи 38:55 минути на овој натпревар, притоа дојде со ефект од 27.поени (13/20 во обидите за два поени), дополнети со седум скока, шест успешни додавања, и по една освоена односно загубена топка – се заедно за 31 индексен поен.

ДУШАН ТАНАСКОВИЌ (МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ)

Беше најдобриот поединец во МЗТ Скопје Аеродром на вечното дерби со Работнишки. На крајот тоа не беше доволно за успех на неговата екипа. Сепак, вредни се неговите 26.поени и тоа со висок процент на реализација во обидите од поле (11/12 за два поени) и од линијата за слободни фрлања (4/5). На тоа додаде и шест скока, две блокади и една загубена топка за 30:07 минути на паркетот, односно индекс-31.

ПРВА ПЕТОРКА

Јуре Планиниќ (Пелистер)

Давел Роби (Чаир 2030)

Недим Мустафица (Чаир 2030)

Мајкл Андерсон (Охрид)

Душан Танасковиќ (МЗТ Скопје Аеродром)

ВТОРА ПЕТОРКА

Валмир Какруки (Чаир 2030)

Тајриз Вилијамс (Гостивар)

Дејвид Инграм (Гостивар)

Џозеф Рис (Феникс 2010)

Деметрик Трајс (Работнички)

*Петорките се формираат врз основа на бројот на индексни поени