30.10.2023

Одличните индивидуални карактеристики на неколку поединци прават една „целина“ во екипата од Чаир

ПЕТОРКА НА КОЛОТО: Корбет и Мустафица – тандем за победи на Чаир 2030!

Доказ за тоа беше и натпрeварот од петтото коло во Првата лига-мажи.

Двајца нивни играчи кои важат како стартери се најдоа во идеалната петорка на оваа рунда од прволигашките мечеви.

А Тајр Корбет, за нијанса, имаше повеќе индексни поени во однос на она што го направи Недим Мустафица, а се граничи со троен ефект во дуелот со Навико Академија ФМП.

ТАЈР КОРБЕТ (ЧАИР 2030)

За да дојде до индекс 31, најмногу во ова коло, интересно, му беа потребни нешто повеќе од 23.минути на теренот во салата „Независна Македонија“.

Период во кој реализираше 24.поени (1/2 за три, 9/11 за два, и 3/4 за еден поен), имаше и 11.скока (два офанзивни), и по една блокада, односно загубена топка.

НЕДИМ МУСТАФИЦА (ЧАИР 2030)

Дефинитивно, ја одбележа изминатата недела во Првата лига. Силното крило реализираше несекојдневен ефект – троен.

Постигна 14.поени (7/9 за два поени), на кои додаде и 12 скока (два офанзивни) и десет асистенции. Но за 34:17 минути во игра, дополни и со две освоени топки, една загубена топка, и една блокада, и индекс 29.

МАСК СМИТ МЕКСВЕЈН (ЕУРО НИКЕЛ 2005)

Постигна половина од поените за својата екипа, но тоа не беше доволно за победа во дерби дуелот со актуелниот шампион на гостувањето во Аеродром.

Реализираше 30.поени (3/8 за три, 6/9 за два и 9/11 за еден поен), седум скока и по две асистенции, освоени односно загубени топки за 36.минути поминати на паркетот во салата „Јасмин“, или индекс 29.

ЈУРЕ ПЛАНИНИЌ (ПЕЛИСТЕР)

Прв натпревар за Пелистер, и веднаш место во најдобрата петорка на петтото коло. Новиот играч на екипата од Битола во победата над Охрид придонесе со реализација на 22.поени (8/10 во обидите вредни по два поени, и 6/6 од линијата за слободни фрлања, како и седум скока, две асистенции, три загубени топки и една блокада за 21:52 минути, доволни за 27.индексни поени.

ДУШАН ТАНАСКОВИЌ (МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ)

Извесно, играч со најстандардна форма од почетокот на новата сезона, барем ако се мери бројот на индексни поени.

На дербито со екипата од Кавадарци, стартерот на „металците“ собра 25.индексни поени. А до нив дојде со 18.реализирани поени (1/1 за три и 7/12 за два поени), како и 12.скока (пет од нив во фазата на нападот), четири блокади, две асистенции и исто толку загубени топки за 32.минути поминати на теренот.

ПРВА ПЕТОРКА

Тајр Корбет (Чаир 2030)

Недим Мустафица (Чаир 2030)

Маск Смит Мексвејн (Еуро Никел 2005)

Јуре Планиниќ (Пелистер)

Душан Танасковиќ (МЗТ Скопје Аеродром)

ВТОРА ПЕТОРКА

Бобан Стајиќ (Работнички)

Стефан Крстајиќ (Чаир 2030)

Лука Стојановски (Пелистер)

Стојан Ѓуроски (Работнички)

Филип Бакоч (Работнички)

*Петорките се формираат врз основа на бројот на индексни поени