18.12.2023

Одигра одлично во второто полувреме, и му донесе победа на Чаир 2030 на гостински терен против Феникс 2010

ПЕТОРКА НА КОЛОТО: Корбет уште еднаш ја победи конкуренцијата

Крилото на Чаир 2030 имаше уште едно одлично индивидуално издание, и уште еднаш ги победи конкурентите во трката за најкорисен играч на колото. Во овој случај 12, или првото од вториот дел од распоредот на натпреварите во Првата лига.

ТАЈР КОРБЕТ (ЧАИР 2030)

Продолжува да ги тероризира противничките одбрани. Така беше и на гостувањето кај Феникс 2010, каде еден од лидерите во составот на Чаир 2030, „одработи“ уште еднаш на високо ниво.

Реализираше 27. поени (3/8 за три поени, 5/7 за два и 8/13 за еден поен), потоа 18.скока (пет офанзивни), една асистенција, и  пет, би се рекло и „стандардни“, загубени топки за 35:52 минути. Сето тоа му донесе 30. индексни поени, најмногу од сите во колото број 12.

ТАЈРИС ВИЛИЈАМС (ГОСТИВАР)

Гостиварци беа на еден мал чекор до големо изненадување, победа на гостински терен во Битола. Против фаворитот Пелистер имаа напад за продолжение, дури и за водство. Но грешките во оној одбранбен дел во моментите на одлука ги чинеа пораз на тешкото гостување во „градот на конзулите“.

Со тоа „падна во вода“ и неговиот индивидуален ефект. Одигра скоро 37.минути во кои реализираше 22.поени (4/7 за три и 5/7 за два поени), седум скока, три асистенции, исто толку освоени, но и загубени топки – или индекс 28.  

ТАЈРОН ЛАЈОНС (ОХРИД)

Кратко време е со екипата од Охрид. Но тоа не му посмета во вториот тимски успех да има главен „придонес“. На средбата против Вардар, одигра безмалку 38.минути. пеиод во кој запиша дабл-дабл ефект изразен преку реализација на 22.поени (шут од игра од 83%), но и 11 скока (три од нив во фазата на нападот), потоа три освоени и три загубени топки и едно додавање. Доволно за индекс 28.

СТЕФАН ГЛИГОРИЈЕВИЌ (ЕУРО НИКЕЛ 2005)

Кавадарчани го скршија отпорот на „лавовите“ од Кисела Вода во вториот дел од натпреварот. А еден од „виновниците“ за новиот успех е и високото крило, иако не и единствениот, секако...

Беше дел од стартните пет, за 30:36 минути на паркетот во „Јасмин“, дојде до двоен учинок. Односно даде 18.поени со 80% на реализација во обидите вредни по два поени (8/10), имаше и две успешно реализирани слободни фрлања (од исто толку обиди). Оствари и 11.скока (три од нив напаѓачки), плус и три асистенции, но и пет загубени топки, кои донекаде го намалија неговиот збир на индексни поени кој на крајот изнесува 27.

МАСК СМИТ МЕКСВЕЈН (ЕУРО НИКЕЛ 2005)

Вториот „виновник“ за новата победа на Еуро Никел 2005, онаа на мечот со Навико Академија ФМП пред својата публика.

Снажниот Американец одигра нешот помалку од 28.минути во кои реализираше 23.поени (4/8 за три поени, 3/4 за два и 5/5 за еден поен), имаше и четири скока, по една асистенција, освоена и загубена топка. За 23 индексни поени, и последното место во идеалните пет за ова 12. коло.

ПРВА ПЕТОРКА

Тајр Корбет (Чаир 2030)

Тајрис Вилијамс (Гостивар)

Тајрон Лајонс (Охрид)

Стефан Глигоријевиќ (Еуро Никел 2005)

Маск Смит Мексвејн (Еуро Никел 2005)

ВТОРА ПЕТОРКА

Милош Врањеш (Еуро Никел 2005)

Џексон Дубински (Еуро Никел 2005)

Ејасу Ворку (МЗТ Скопје Аеродром)

Иван Волкановски (Охрид)

Јуре Планиниќ (Пелистер)

*Петорките се формираат врз основа на бројот на индексни поени