Коло број 7, во кое екипата од Гевгелија ја прекина серијата на порази, а онаа на Работнички продолжи со победите...
РОМО РИЗВИЌ (КОЖУВ)
Уште на својот прв натпревар во Гевгелија покажа дека ќе биде сериозно засилување за Кожув. Искусниот кошаркар доби и (пре) голем простор од тренерот Михајловски. Но веднаш одговори на барањата. За 37.минути испорача 29. поени (4/5 за три, 5/8 за два и 7/7 за еден поен), а освен тоа имаше и по пет скока и исто толку асистенции, и две загубени топки.
За индекс-33, најмногу во седмата рунда.
МАЈРОН ГОРДОН (КОЖУВ)
Имаше мала „пауза“ во изминатите неколку кола, но во ова потсети зошто е прв стрелец во лигата. На средбата против Феникс 2010 реализираше 28.поени, со висок процент на реализација (10/17 или 58% од поле), и 7/8 од линијата за слободни фрлања. На тоа додаде и седум асистенции, пет скока, и една загубена топка, а ги одигра сите 40.минути во третиот усшех на гевгеличани, за индекс-31.
ДАМЈАН РОБЕВ (МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ)
Ја искористи, и тоа во целост минутажата која ја доби на средбата ос чаир 2030. Репрезентативниот бек на МЗТ Скопје Аеродром беше максимално рационален. За 22:34 минути во игра, реализираше 21.поен. Погоди пет тројки (од седум обиди), имаше и шест скока, пет асистенции, три освоени топки за индекс-29.
МАРЈАН ЈАНЕСКИ (КУМАНОВО 2009)
Максимална валоризација доби неговиот ефект во дуелот со екипата на Гостивар, до ова коло несовладана во домашниот шампионат. Потсети дека во себе носи квалитет потребен на оваа екипа на Куманово да се издигне над кризниот период, и да победи во натпревар во кој ретки беа оние кои веруваа(т) во успех.
Искусното крило реализираше 22.поени (3/7 за три и 6/10 за два поени), но имаше и девет скока, дури шест освоени топки, две асистенции и исто толку загубени топки за 37.минути во игра, и индекс 29.
СТРАХИЛ НИКОЛОВ (ТФТ)
Второ коло по ред, стандардно добро издание на нашиот репрезентативец во редовите на ТФТ. Сега и на мечот Навико академија ФМП во кој „црно-белите“ стигна до лесни два бода.
Николов одигра 33:14 минути во кои дојде до дабл-дабл ефект од 18.поени (8/10 за два и 2/3 за еден поен), 11 скока, три асистенции, две загубени и една освоена топка, или индекс-28.
ПРВА ПЕТОРКА
Ромо Ризвиќ (Кожув) 33
Мајрон Гордон (Кожув) 31
Дамјан Робев (МЗТ Скопје Аеродром) 29
Марјан Јанески (Куманово 2009) 29
Страхил Николов (ТФТ) 28
ВТОРА ПЕТОРКА
Камерон Форте (Работнички) 28
Светозар Стаменковиќ (Струмица 2022) 28
Бојан Трајковски (Феникс 2010) 26
Димитар Караџовски (Пелистер) 22
Никола Малешевиќ (Работнички) 22
*Петорките се формираат врз основа на бројот на индексни поени