07.03.2023

Крилото на МЗТ Скопје Аеродром дојде од 40 индексни поени во струмички „Парк“

ПЕТОРКА НА КОЛОТО: Кук со свој офанзивен перформанс во Струмица

За разлика од АБА, Кеандре Кук не доби некој преголем играчки простор, барем засега, во домашниот шампионат. Но новиот играч на крилната позиција во редовите на МЗТ Скопје Аеродром, го покажа својот офанзивен квалитет на гостувањето во Струмица.

КЕАНДРЕ КУК (МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ)

Иако средбата ја почна од клупата за резервни играчи, тоа не му посмета да реализира 29 поени (3/5 за три, 6/8 за два и 8/8 за еден поен), но и да има уште девет скока, три асистенции, исто толку освоени топки, и по два блокади односно загубени топки, за точно три одиграни четвртини.

Сето тоа заедно за 40 иденски поени, најмногу во оваа 16. рунда од шампионатот.

ГИОРГИ КОРСАНТИА (ГОСТИВАР)

Веројатно е играч кој има најстандарна форма од оние кои се дел од Гостивар. Високиот Грузиец повторно стигна до уште еден двоен ефект во првенството. На средбата против Навико Академија ФМП за 33 минути во игра, комплетираше ефект од 17 поени (8/14 за два и 1/3 за еден поен), исто толку скокови (три офанзивни), но и пет успешни додавања, една освоена и три загубени топки, за индекс 28.

НЕМАЊА ЖИГОН (ГОСТИВАР)

Одигра максимално рентабилно по доаѓањето во Гостивар. На дебито во „сино-белиот“ дрес, веднаш доби голем број на минути од страна на тренерот Љупчо Малинков. Вкупно 33, во кои дојде до 16 поени, ги погоди сите шест обиди од поле, а имаше и шест скока, пет асистенции, две додавања, една загубена топка и една блокада – за индекс 24.

ТРЕНТ БАТРИК (ТФТ МОZZART)

Одигра силното крило на ТФТ повеќе од 40 минути во успехот во соседското дерби со Работнички. И тоа доста добро, ако се мери оној целокупен ефект. Гледано низ призмата на бројките, 16 поени (3/4 за три, 2/6 за два и 3/4 за еден поен), девет скока, шест додавања до соиграчите, две загубени и една освоена топка за 40:27 минути во игра, односно индекс 24.

БОЈАН ТРАЈКОВСКИ (ФЕНИКС 2010)

Кога беше, се чини, најпотребно, Феникс 2010 го „доби“ Бојан Трајковски во дуелот со Чаир 2030. Беа во негатива на полувремето, но на почетокот на третата четвртина силното крило беше креатор на победничката серија за „фениксовци“, за нова победа која ги остава во првата „четворка“ во шампионатот.

На крајот, сосема солидни бројки, 21 поен со кој беше (повторно) прв стрелец на екипата (2/6 за три, 6/12 за два и 3/4 за еден поен), седум скока, четири асистенции и по една блокада, освоена односно загубена топка за нецели 32 минути проведени во игра.

ПРВА ПЕТОРКА

Кеандре Кук (МЗТ Скопје Аеродром)

Гиорги Корсантиа (Гостивар)

Немања Жигон (Гостивар)

Трент Батрик (ТФТ Моzzart)

Бојан Трајковски (Феникс 2010)        

ВТОРА ПЕТОРКА

Дејан Бјелиќ (Навико Академија ФМП)

Филип Бакоч (Работнички)

Давел Роби (Чаир 2030)

Донтај Карутерс (Пелистер)

Дарко Соколов (Еуро Никел 2005)

*Петорките се формираат врз основа на бројот на индексни поени