19.10.2021

Двајцата имаат идентичен индекс, 29!

ПЕТОРКА НА КОЛОТО: Мацура и Ивеј со најдобар индивидуален ефект во третиот круг од натпреварите

Откако во првите две кола доминираше Ландриус Хортон, во третото, се издвоија два индивидуални ефекти. За прв пат во новата сезона, имаме двајца играчи со идентичен индекс на поени.

Милош Мацура од Работнички и Бре Ивеј од Навико Академија ФМП имаат по 29. индексни поени во победите на нивните тимови на средбите со екипите на Ангели односно Кожув.

Високиот центар на „црвено-белите“ заврши со висок дабл-дабл од 17. поени и исто толку скокови (плус и три додавања) за нешто повеќе од 36.минути во игра.

Новиот кошаркар на Навико Академија ФМП пак имаше повеќе од успешно деби во новиот клуб. За 29.минути реализираше 28.поени, имаше и седум скока и една асистенција за тоа време во игра.

Второ коло по ред одлично издание на Кирил Николовски. Екс репрезентативецот собра 28.индексни поени на мечот против „пантерите“ од Кисела Вода. Имаше двоен ефект од 19.поени и 12. скока, недоволно за прва победа на Кожув.

Ново одлично издание и на Ејасу Ворку. Новакот во редовите на Гостивар имаше индекс 27 во победата на неговата екипа против младиот состав на МЗТ Скопје Уни Банка. Реализираше 19.поени, но имаше уште и осум скока и шест асистенции за 28.минути на теренот во СЦ „Јане Сандански“.

Петорката на третото коло се затвора со „неизбежниот“ Ландриус „Зое“ Хортон. Бекот на ТФТ повторно имаше свои минути, сега во успехот на неговата екипа на средбата со Куманово на гостински терен. Реализираше одлични 20.поени, 10.скокови и 2. асистенции за 26:20 минути во игра.  

ПРВА ПЕТОРКА

(според број на индексни поени)

Милош Мацура (Работнички) 29

Бре Ивеј (Навико Академија ФМП)   29

Кирил Николовски (Кожув)      28

Ејасу Ворку (Гостивар)    27

Ландриус Хортон (ТФТ)  26

ВТОРА ПЕТОРКА

Павел Данаиловски (Работнички)     25

Стефан Глигоријевиќ (Куманово 2009)        25

Двејн Морган (Феникс 2010)   22

Дамјан Стојановски (МЗТ Скопје Аеродром)        20

Стефан Крстајиќ (Навико ФМП)          20