Ова 18 по ред коло во Првата лига, го одбележија, и дефинитивно, високите играчи. Петмина кошаркари од пет различни екипи прикажаа најдобри индивидуални изданија, и сосема заслужено се дел од најдобрата петорка
СТРАХИЊА МИЌОВИЌ (МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ)
На гостувањето во Чаир, одигра максимално рентабилно. За оние нецели 18 минути кои ги помина во игра, крилниот играч на екипата од Аеродром го наполни противничкиот кош. Неговото офанзивно издание вклучува шест реализирани тројки (од осум обиди), или вкупно 24 поени, дополнети со седум скока и две асистенции, и индекс-31, најголем во ова натпреварувачко коло.
ЃОРЃЕ ЏЕЛЕТОВИЌ (РАБОТНИЧКИ)
Не му требаше многу време да се профилира како еден од важните играчи на Работнички. Иако Струмица не е противник по мерка, сепак тоа не му посмета на новиот играч во тимот на Димитар Мираковски да има сосема добар индивидуален ефект.
За 27:20 минути на теренот постигна 21 поен, со само еден нереализиран обид од поле (4/4 за три и 4/5 за два поени), додаде и четири скока и три асистенции и една освоена топка, сето тоа доволно за индекс-28.
ГИОРГИ КОРСАНТИА (ГОСТИВАР)
Дуелот со Куманово беше само уште едно продолжение на добрите настапи на високиот Грузиец во редовите на Гостивар. Играше повеќе од 31 минута, притоа дојде до учинок од 23.поени (шут 10/13 за два поени и 3/3 од линијата за слободни фрлања), осум скока, две асистенции, две освоени и една загубена топка, или индекс-28.
СЕАД ХАЏИФЕЈЗОВИЌ (ПЕЛИСТЕР)
Беше првото поентерско име во екипата од Битола на дерби-делот со Еуро Никел 2005. Го оддржа својот поентерски континуитет во домашниот шампионат со реализација на 26.поени (11/16 за два и 4/4 за еден поен), кој го дополни со осум скока, две асистенции, две освоени и три загубени топки, како и една блокада за 29:11 минути во игра – и индекс 27.
БОЈАН ТРАЈКОВСКИ (ФЕНИКС 2010)
Играта на Феникс 2010, јасно е, не може да се замисли без присуството на теренот на Бојан Трајковски. Најискусниот играч во тимот, прикажа уште една ол-раунд игра, која ја заокружи со дабл-дабл ефект.
Можеби не му одеше шутот за три поени, но затоа пак имаше висок процент на реализација во обидите за два поени (10/16 односно 62%). Додаде и 12 скока, три блокади, последната од нив беше и решавачка за конечниот исход на средбата со Кожув. Имаше и исто толку додавања, сето тоа за 25 индексни поени, и место во идеалните пет на 18. коло.
ПРВА ПЕТОРКА
Страхиња Миќовиќ (МЗТ Скопје Аеродром)
Ѓорѓе Џелетовиќ (Работнички)
Гиорги Корсантиа (Гостивар)
Сеад Хаџифејзовиќ (Пелистер)
Бојан Трајковски (Феникс 2010)
ВТОРА ПЕТОРКА
Бобан Стајиќ (Пелистер)
Смит Меквејн (Навико Академија ФМП)
Кук (МЗТ Скопје Аеродром)
Марин петков (Феникс 2010)
Александар Костоски (ТФТ Mozzart)
*Петорките се формираат врз основа на бројот на индексни поени