23.01.2023

Крилото на МЗТ Скопје дојде до висок дабл-дабл во дербито со ТФТ

ПЕТОРКА НА КОЛОТО: Миќовиќ со најдобри бројки во новата календарска година

Првото коло од вториот дел од сезоната, донесе навистина добри индивидуални остварувања, а за прв пат во оваа сезона, односно 12. одиграни рунди, еден играч на МЗТ Скопје Аеродром ги понесе признанието за најкорисен

Страхиња Миќовиќ имаше импресивни бројки на дерби-дуелот во кој бранителот на титулата стигна до триумф против амбициозниот ТФТ.

СТРАХИЊА МИЌОВИЌ (МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ)

Потребна му беше на МЗТ Скопје Аеродром една добра игра во домашниот шампионат по серијата на порази во АБА лигата. Во вистински момент, на дерби дуелот со ТФТ, во преден план излезе Страхиња Миќовиќ.

Одигра одличен натпревар крилото на „металците“, го зокружи со одличен дабл-дабл ефект изразен со реализација на 34.поени (6/8 за три и 6/10 за два поени, како и 4/6 од линијата за слободни фрлања). Освен тоа имаше и 17. скока (шест од нив офанзивни), а за 32:26 минути додаде и две асистенции, една освоена и пет загубени топки кои му го намалија крајниот идекс рејтинг на 41.

МАРЈАН ЈАНЕСКИ (КУМАНОВО 2009)

Двоен ефект во ова коло има уште еден искусен кошаркар. Марјан Јанески е еден од победничките фактори на Куманово во натпреварот против Чаир 2030, одигра скоро без грешка искусното крило. Одмори само 15 секунди, а притоа, без скоро никаков одмор, постигна 29.поени (3/6 за три, 8/9 за два и 4/6 за еден поен). Имаше и 13.скока, но и по две блокади и асистенции, една освоена и три загубени топки, односно индекс-38.

КАМЕРОН ФОРТЕ (РАБОТНИЧКИ)

За разлика од претходните номинации во најдобрата петорка, оваа не е победничка за Камерон Форте. Силното крило на Работнички повторно има одличен индивидуален ефект, но без оној крајниот на средбата со Феникс 2010.       За 38:30 минути на теренот во СЦ „Јане Сандански“, реализираше 19.поени, имаше и 19.скока, а му недостасуваа само уште три асистенции за трипл-дабл ефект. Дополнително имаше и две освоени топки, една загубена топка и една блокада, односно индекс 36.

ЈУСУФ МОХАМЕД (ЧАИР 2030)

Го задржа својот стандарден просек, но тоа не беше доволно за Чаир 2030 да биде победник на средбата со Куманово 2009.

И Јусуф Мохамед стигна до двоен скор кога станува збор за бројот на поените и на скоковите. Постигна 26.поени (8/12 за два поени и 10/10 од линијата за слободни фрлања), како и десет скока, три асистенции, исто толку загубени топки, две освоени и една блокада за 36:16 минути на теренот.

ЈУРЕ ПЛАНИНИЌ (ЕУРО НИКЕЛ 2005)

Единствениот во идеалните пет за овај круг од натпреварите кој нема дабл-дабл учинок. Кошаркарот на екипата од Кавадарци одигра скоро беспрекорно на средбата со Струмица 2022. Особено во оној шутерски дел, затоа што имаше 9/10 во обидите за два поени, погоди и една тројка (од два обиди), но и 7/8 од линијата за слободни фрлања). Додаде и шест скока, две асистенции, истотолку загубени топки, и една освоена за 29:05 минути, односно индекс-32.

ПРВА ПЕТОРКА

Страхиња Миќовиќ (МЗТ Скопје Аеродром)         41

Марјан Јанески (Куманово 2009)       38

Камерон Форте (Работнички)  36      

Јусуф Мухамед (Чаир 2030)     33

Јуре Планиниќ (Еуро Никел 2005)     32

ВТОРА ПЕТОРКА

Виктор Ефремовски (Гостивар)           31

Томас Смит (Навико Академија ФМП)         29

Андреј Маслинко (Пелистер)  28

Сеад Хаџифејзовиќ (Пелистер)           27

Кени Карпентер (Пелистер)     27

*Петорките се формираат врз основа на бројот на индексни поени