06.11.2023

Во доста ефикасното издание на „црвено-црните“, двоецот искомбинира дури 64 индексни пооени

ПЕТОРКА НА КОЛОТО: Митков и Атанасов му донесоа уште една победа на Вардар

Коло во кое Вардар и Навико Академија ФМП го одиграа најефикасниот натпревар, но и коло во кое се чини дека најголемите два бода се оние кои ги освои екипата на Еуро Никел 2005 со победата над Работнички на гостински терен во СРЦ „Кале“ во Скопје. Нишот малку не е вредна ниту онаа на Пелистер против се подобриот Феникс 2010, исто така на гостински паркет. 

БЛАЖО МИТКОВ (ВАРДАР)

Играше најмногу, но и постигна најмногу на средбата против Навико Академија ФМП, во која со поддршка на соиграчите дојдоа и до третиот успех во новата прволигашка сезона.

Остана на теренот повеќе од 39.минути, во кои реализираше 26.поени (3/5 за три, 6/8 за два и 5/6 за еден поен), 11 скока (три од нив во фазата на нападот), четири асистенции, и по една освоена односно загубена топка. Сето тоа заедно за индекс - 36, или најмногу во ова шестто коло.  

АЈРЕН БРУКС (НАВИКО АКАДЕМИЈА ФМП)

Новиот играч на „лавовите“ од Кисела Вода, беше дел од актерите кои прикажаа доста во овој дуел „Под Кале“. Потврди дека се работи за квалитетњн напаѓач, кој на оваа средба постигна 25.поени (2/6 за три, 9/12 за два и 1/2 за еден поен). Но имаше и десет скока и пет асистенции, по една освоена и една загубена топка за 37.минути во игра, кои му донесоа 32.индексни поени.

АНДРЕЈ АТАНАСОВ (ВАРДАР)

Одигра, би се рекло, максимално рентабилно, и беше еден од „факторите“ за победата на Вардар. Исто така имаше максимално висока минутажа (повеќе од 38.минути), а оствари ефект од 18.поени (2/4 за три, 5/9 за два и 2/2 за еден поен). Но и седум успешни додавања, шест скока, три освоени топки, една загубена за тоа време поминато во игра.

ЏЕКСОН ДУБИНСКИ (ЕУРО НИКЕЛ 2005)

Веројатно најважната победа во ова коло ја „однесоа“ кошаркарите од Кавадарци. Беа подобри од Работнички во „Кале“, што не е мала работа. А повратникот во нивните редови покажа дека беше, но и дека ќе биде важен дел од играта на Еуро Никел 2005. Го потврди тоа и со 23.поени (реализираше пет тројки од седум обиди), имаше пет асистенции, четири скока, а за 37:14 минути во игра, и по една освоена и една загубена топка, за индекс 27.  

ДАМЈАН РОБЕВ (МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ)

Во одлично шутерско, пред се, издание, се претстави репрезентативниот бек на „металците“ на гостувањето во Охрид. Погоди пет тројки (од седум обиди, имаше максимални „три од три“ во обидите за два поени, за вкупно 21.поен. Но освен тоа, за 34.минути на паркетот во „Билјанини извори“, испорача и седум скока, две асистенции, освои четири, загуби четири топки, за 27.индексни поени, и место во идеалната петорка на шестото првенствено коло.

ПРВА ПЕТОРКА

Блажо Митков (Вардар)

Ајрен Брукс (Навико Академија ФМП)

Андреј Атанасов (Вардар)

Џексон Дубински (Еуро Никел 2005)

Дамјан Робев (МЗТ Скопје Аеродром)

ВТОРА ПЕТОРКА

Седрик Расел (МЗТ Скопје Аеродром)

Диванте Мофит (Чаир 2030)

Хусеин Бајрам (Вардар)

Ленгстон Вертц (ТФТ Моцарт)

Џозеф Рис (Феникс 2010)

*Петорките се формираат врз основа на бројот на индексни поени