07.12.2022

Работнички продолжи со победите, а нивниот прв играч да ги полни статистичките колони...

ПЕТОРКА НА КОЛОТО: Нема коло без Камерон Форте, една асистенција му недостасуваше за трипл-дабл

Коло без вистински резултатски изненадувања, но и коло со „реприза“ на некои индивидуални постигнувања...

КАМЕРОН ФОРТЕ (РАБОТНИЧКИ)

Практично не знае да застане во овој прв дел од сезоната и по доаѓањето во Скопје. Се чини како полн погодок за Работнички, затоа што и во ова осмо коло од шампионатот, беше пред сè, максимално рационален. И на чекор до својот прв трипл-дабл ефект како играч на нашиот најтрофеен клуб.

Против Куманово 2009 му недостасуваше само едно успешно додавање за троен ефект. Застана на 26. поени (13/18 во шутот за два поени), десет скока (четири офанзивни) и девет асистенции. Имаше и четири загубени топки за 30.минути во игра, и индекс 36.

НЕДИМ МУСТАФИЦА (ПЕЛИСТЕР)

Брзо се профилираше како носител на играта на „зелено-белите“. А го потврди тоа босанскиот интернационалец и на средбата со Кожув.

За нецели 29.минути, постигна 24.поени (8/12 за два и 2/4 за три поени), седум скока, четири додавања, три освоени и една загубена топка – или индекс 31, втор резултат во 8.коло од Првата лига.

ГИОРГИ КОРСАНТИА (ГОСТИВАР)

Не траеше долго неговото „отсуство“ во „идеалните пет“ во нашата елитна дивизија. Грузиецот во редовите на Гостивар беше на нивото на задачата во успехот на неговата екипа против Чаир 2030.

Навистина доста се „потроши“, одигра скоро 36.минути во кои дојде до „дабл-дабл“ од 14.поени (5/9 за два поени) и 16.скока, како и четири асистенции, три освоени и две загубени топки, плус и две блокади и индекс 29!

ГАБРИЕЛ КОСКОСКИ (НАВИКО АКАДЕМИЈА ФМП)

Најдобрата игра на младиот кошаркар откако е играч на Навико Академија ФМП, само сега крунисана со успех, победа против Струмица 2022.

Доби голем „простор“ од тренерот Никола Божиновски, го искористи максимално. Постигна дури 31.поен, што е поважно со одлична реализација во шутот за два поени (10/14 или 71%), и од линијата за слободни фрлања (11 од 13). Дополни со пет скока, две асистенции, и по една украдена и загубена топка во нецела 31. минута на теренот, доволно за индекс 29.

САМИТ ЈИГИТОГЛУ (МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ)

Со оглед на долгиот ростер и распределбата на минути на повеќе играчи, вистинска реткост е некој играч на МЗТ Скопје Аеродром да стигна до голем број на индексни поени.

Одигра максимално корисно на средбата против Еуро Никел 2005, особено во првото полувреме во кое и ги реализираше најголемиот дел од оние 16.поени. Имаше само еден нереализиран обид од дистанца (7/8) и од линијата за слободни фрлања (2/3).

На друга страна, собра и 13. скока (четири офанзивни), а имаше и по две блокади и загубени топки. Сето тоа во нецели 22.минути, за индекс 27.

ПРВА ПЕТОРКА

Камерон Форте (Работнички)  36

Недим Мустафица (Пелистер) 31

Гиорги Корсантиа (Гостивар)   29

Габриел Коскоски (Навико Академија ФМП)        29

Самет Јигитоглу (МЗТ Скопје Аеродром)    27

ВТОРА ПЕТОРКА

Никола Малешевиќ (Работнички)     26

Ерик Нотаге (Работнички)         24

Мајрон Гордон (Кожув) 23

Џексон Пол (Работнички)         23

Мек Смит-Меквејн (Навико Академија ФМП)       22

*Петорките се формираат врз основа на бројот на индексни поени