02.02.2023

Ново одлично индивидуално остварување на бекот на Кожув, следено од она на Бојан Трајковски од Феникс 2010...

ПЕТОРКА НА КОЛОТО: Нијансите во корист на Мајрон Гордон

И 13 круг од Првата лига донесе неколку навистина одлични индивидуални остварувања, макар што во преден план излегуваат две. Она на Мајрон Гордон од Кожув, остварено на гостувањето во Струмица, и она на Бојан Трајковски, на гостински терен во Кисела Вода...

МАЈРОН ГОРДОН (КОЖУВ)

Уште еднаш покажа дека е предводник на екипата од Гевгелија, особено во оние офанзивни активности. Најдобриот стрелец во Првата лига беше во рамките на својот кошгетерски просек и на гостувањето во Струмица.

За нешто повеќе од 28.минути во игра, реализираше исто толкав број на поени – 28 (4/8 за три, 7/11 за два и 2/2 за еден поен), на кои додаде и осум скока, шест асистенции, но и шест освоени топки, доволно за индекс-39, највисок во овој 13. прволигашки круг.           

БОЈАН ТРАЈКОВСКИ (ФЕНИКС 2010)

Можеби е највозрасен, но е веројатно и најдобриот играч на Феникс 2010, не само во овој прв дел од сезоната. Потврдата дојде и на средбата во која неговата екипа покажа сигурност, на крајот и победи.

А Трајковски имаше и најдобар поединечен ефект.

Одигра повеќе од 32.минути, и запиша исто толку поени, 32, со висока реализација (3/7 за три, 10/16 за два поени) и три слободни фрлања (од четири обиди). Беше на чекор до трипл-дабл затоа што на своето конто запиша и девет асистенции и осум скока, две освоени и пет загубени топки – индекс 37!          

КЕНИ КАРПЕНТЕР (ПЕЛИСТЕР)

Најзаслужниот што екипата на Пелистер го „доби“ Работнички и тоа на гостински терен во СРЦ „Кале“. Беше доста ефикасен уште од почетокот на средбата во кој „пелистерци“ креираа висока предност. А секогаш беше подготвен да продолжи со поентирањето во моментите кога не му одеше на тимот, посебно во оние финални минути.

На крајот, застана на ефект од 30 поени (4/8 за три, 7/8 за два и 4/4 за еден поен), додаде и четири скока, едно додавање, и по две освоени односно загубени топки за 37 минути во игра, и индекс – 30!

КАМЕРОН ФОРТЕ (РАБОТНИЧКИ)

Неговиот ефект за жал, по Работнички, овојпат не беше доволен за победа. Продолжи со своите одлични индивидуални остварувања силното крило на „црвено-белите“ и во дуелот со Пелистер.

Имаше двоен ефект, изразен со реализација на 19 поени (9/13 за два и 1/1 за еден поен), 11 скока, плус и шест асистенции и три загубени топки за 27:24 минути на теренот, доволно за индекс 30.                     

ГИОРГИ КОРСАНТИА (ГОСТИВАР)

Еден од најзаслужните што лидерот во лигата, МЗТ Скопје Аеродром, „падна“ и по втор пат во мечевите против неговиот Гостивар. Високиот Грузиец имаше уште едно ол-раунд издание, изразено со 21 реализација (1/5 за три, 8/12 за два и 2/7 за еден поен), но и 13 скока, седум освоени топки, три загубени и три асистенции за 37:34 минути на теренот во салата „Младост“ и индекс-29.

ПРВА ПЕТОРКА

Мајрон Гордон (Кожув)

Бојан Трајковски (Феникс 2010)        

Кени Карпентер (Пелистер)    

Камерон Форте (Работнички)             

Гиорги Корсантиа (Гостивар)

ВТОРА ПЕТОРКА

Дарел Френклин (Чаир 2030)

Андреј Митревски (Феникс 2010)

Маск Смит-Меквејн (Навико Академија ФМП)

Трент Батрик (ТФТ)

Елијах Џојнер (Куманово 2009)

*Петорките се формираат врз основа на бројот на индексни поени