27.10.2022

Крилото на Струмица дојде до неверојатни 57. индексни поени на дуелот со Феникс 2010...

ПЕТОРКА НА КОЛОТО: Никој како Стаменковиќ

Ретки се приликите како онаа во изминатиот викенд во Струмица, и натпревари во кои еден играч ќе одигра, што се вели, без грешка.

Подобро кажано да одигра еден натпревар без да погреши во оние шутерски активности. Да ги погоди сите обиди кои вредат два, односно три поени.

СВЕТОЗАР СТАМЕНКОВИЌ (СТРУМИЦА 2022)

Во овој случај, тоа се однесува за играчот на Струмица 2022, Светозар Стаменковиќ, и неговиот неверојатен настап на средбата од 3. коло од Првата лига-мажи, против екипата на Феникс 2010.

Српскиот интернационалец одигра повеќе од 38.минути во кои дојде до ефект од 36.поени, 14.скока, 6.асистенции, четири освоени и две загубени топки.

Притоа ќе останат запаметени и неговата реализација на овој натпревар во „Парк“. Ги погоди сите 11. обиди од поле, четири за три и седум за два поени. Имаше и само едно нереализирано слободно фрлање од вкупно 11. изведени.

Сето тоа за неверојатни 57. индексни поени!!!

ГИОРГИ КОРСАНТИА (ГОСТИВАР)

Грузискиот интернационалец уште еднаш покажа дека е големо засилување за Гостивар за оваа сезона. Го потврди тоа со уште едно одлично издание на мечот против екипата на ТФТ во кој гостиварци дојдоа и до третиот успех во новиот шампионат.

Одигра нешто повеќе од 28.минути, притоа реализира двоен ефект изразен преку 23.поени (10/14 во шутот за два поени и 3/3 од линијата за слободни фрлања), 17.скока (четири од нив офанзивни), четири освоени топки, четири асистенции, и три загубени топки за одличен индекс-40.

НЕДИМ МУСТАФИЦА (ПЕЛИСТЕР)

Играч кој му е потребен на овој „нов“ Пелистер. Ги пополнува Мустафица скоро сите статистички графи на почетокот на овој шампионат.

Беше одличен и во натпреварите во АБА 2 лигата, продолжува во исто темпо и на домашен терен. Против Навико Академија ФМП оствари висок дабл-дабл ефект. Изразен преку реализација на 25.поени, со висока реализација во шутот од поле (8/12 за два поени) и половична од линијата за слободни фрлања (5/10), како и 16.скока од кои дури шест-офанзивни, по една асистенција, освоена топка и три загубени за 33:56 минути на теренот во „Независна Македонија“.

ЈУСУФ МОХАМЕД (ЧАИР 2030)

Уште едно одлично издание на новакот во редовите на Чаир 2030. Еден од најзаслужните за втората победа во три одиграни натпревари на екипата од Чаир.

На мечот против Еуро Никел 2005 кој го донија со минимален резултат, Мохамед одигра нецели 35.минути во кои реализираше 24.поени. Погоди девет шутеви за два поени (од 15), имаше и 12.скока (седум од нив беа офанзивни). Освои и три топки, загуби две, имаше и едно успешно додавање, за индекс 27.

ДЕМОНТ БЕКИНГЕМ (ФЕНИКС 2010)

Одигра уште еден добар натпревар за Феникс 2010, но овојпат не беше доволно за успех. За нешто преку 31. минута на теренот дојде до сосема коректни бројки. Уфрли 20.поени (со 50% на реализација за два поени) и стонастотна од линијата за слободни фрлања, 10/10).

Дополни со девет скока, пет асистенции, и по две освоени и исто толку загубени топки – за 27. индексни поени.

ПРВА ПЕТОРКА

Светозар Стаменковиќ (Струмица 2022)     57

Гиорги Корсантиа (Гостивар)   40

Недим Мустафица (Пелистер) 28

Јусуф Мохамед (Чаир 2030)     27

Демонт Бекингем (Феникс 2010)       27      

ВТОРА ПЕТОРКА

Кирил Николовски (Еуро Никел 2005)         26

Дарел Френклин (Чаир 2030)  24

Мајрон Гордон (Кожув) 24

Били Ајви (МЗТ Скопје Аеродром)    23

Бојан Трајковски (Феникс 2010)         23

*Петорките се формираат врз основа на бројот на индексни поени