08.10.2024

Одлични индивидуални изведби на почетокот на новата сезона во Првата „Мтел“ лига

ПЕТОРКА НА КОЛОТО: Почетокот во знакот на Стевановиќ, Грент, Мофит, Говенс...

Натпреварот Чаир 2030-Кожув се чини дека даде најголема бројка на играчи со висок индекс на корисност. Извесно, повеќе на домашната, победничката страна, но сепак, еден играч на гостинската, во овој случај Андрија Стевановиќ собра најмногу...

АНДРИЈА СТЕВАНОВИЌ (КОЖУВ)

Новиот играч на екипата од Гевгелија уште на првиот меч во новата играчка средина покажа дека и во вистинска смисла на зборот ќе биде засилување за екипата која ја предводи тренерот Апостолов.

Во првиот меч во дресот на Кожув, постигна 39.поени (6/8 за три поени, 5/11 за два и 11/12 од линијата за слободни фрлања). А за 38:38 минути во игра додаде уште шест скока, четири асистенции, по две освоени односно загубени топки и една блокада. Сето тоа доволно за индекс – 41, најмногу во овој прв круг од натпреварите во елитната конкуренција

ДЕВОН ГРЕНТ (ФЕНИКС 2010)

Слично може да се искоментира и настапот на новиот играч на екипата на Феникс 2010. Практично самиот го донесе пресвртот во играта на дуелот со Работнички. Но за негова и жал на другите во тимот, тоа нее беше доволно за конечен успех.

Сепак, вредни за одбележување се неговите 37.реализации за нецели 30.минути во играта во кои запиша уште и шест асистенции, два скока, исто толку освоени топки, и три загубени. Односно индекс 40, или само еден помалку во однос на Стевановиќ.

ИСАЈА КЕЛИ (ЧАИР 2030)

Максимално рентабилно ги искористи оние нешто повеќе од 23.минути кои ги доби од тренерот Рамадан. Му беа доволни на новиот играч на екипата од Чаир да дојде до дабл-дабл ефект, изразен преку реализација на 22.поени (2/4 за три, 6/7 за два и 4/5 за еден поен), но и 13.скока (пет од нив офанзивни), по една асистенција, освоена топка и две загубени, за индекс 31.

ДИВАНТЕ МОФИТ (ЧАИР 2030)

Нема многу непознати за него, ако се земе в предвид дека и лани беше дел од тимот на Чаир 2030, согласно со тоа и не му треба(ше) преголем простор за „аклиматизација“, напротив.

Уште на првиот меч во новата сезона, со префиксот на официјален, потврди дека ќе биде еден од носителите на играта. Го покажа со реализација на 26.поени (3/3 за три, 7/12 за два и 3/4 во обидите вредни по еден поен), на кои придодаде уште и седум додавања до соиграчите, три скока, по две украдени односно загубени топки за 31:36 минути во игра, односно индекс 30.

ДАРИН ГОВЕНС (ТФТ)

Почетокот на Дарин Говенс како играч на ТФТ е повеќе од ветувачки, барем ако се земат како параметри неговите „суви“ бројки на деби настапот за „црно-белите“.

На премиерата во новата сезона, иако не беше стартер, одигра скоро 35.минути. А за тоа време имаше најдобар ефект во тимот од Тафталиџе. Креираше учинок од 23.поени, а до него дојде со десет шутнати топки од кои погоди осум (4/5 за три и 4/5 за два поени), и три реализирани слободни фрлања. На сето тоа уште и седум асистенции, четири скока, две освоени и четири загубени топки, или индекс 30.

ПРВА ПЕТОРКА

Андрија Стевановиќ (Кожув)

Девон Грент (Феникс 2010)

Исаја Кели (Чаир 2030)

Диванте Мофит (Чаир 2030)

Дарин Говенс (ТФТ)

ВТОРА ПЕТОРКА

Мајкл Едвардс (Пелистер)

Стефан Глигоријевиќ (Тиквеш Голден Игл)

Андреј Андоноски (МЗТ Скопје А)

Стојан Ѓуроски (Работнички)

Максим Митевски (Гостивар)