20.12.2022

Американецот имаше неверојатна изведба на гостувањето во Кисела Вода, реализираше „дабл-дабл“ од 45 поени и 10 скока...

ПЕТОРКА НА КОЛОТО: Поентерска „експлозија“ на Френклин

Десеттото коло донесе уште неколку одлични индивидуални изведби, а во преден план беше онаа на Американецот во редовите на Чаир 2030, Дарел Френклин. Беше „икс-фактор“ во победата на неговата екипа на гостувањето кај Навико Академија ФМП со која чаирани ставија крај на серијата на порази во првенството.

ДАРЕЛ ФРЕНКЛИН (ЧАИР 2030)         

Веројатно и неговата најдобра игра во кариерата, секако и во нашиот шампионат ја прикажа Американецот во редовите на Чаир 2030 на средбата со Навико Академија ФМП. Ги одигра сите 40 минути, но тоа не му сметаше да стигне до навистина високи, импресивни бројки.

Запиша 45 поени, погоди 16 од вкупно 30 упатени удари кон противничкиот кош. Но, освен тоа додаде и десет скока (три офанзивни), четири асистенции, две освоени и три загубени топки, за индекс 41!

СВЕТОЗАР СТАМЕНКОВИЌ (СТРУМИЦА 2022)      

Нема високи бројки, но на средбата со Куманово 2009, со која струмичани ја прекинаа негативната низа на порази, српскиот интернационалец беше во најмала рака – рационален. Оствари дабл-дабл ефект, изразен со реализација на 20.поени, не многу потрошени топки (3/3 за три и 5/7 за два поени), но и 12. скока, седум асистенции, четири загубени и три освоени топки за 35:44 минути во игра, и 37 индексни поени.

ЛУВЕЈН ПИПКИНС (ГОСТИВАР)

Уште една одлична изведба на американскиот интернационалец за Гостивар. Што е поважно со краен успех за екипата која ја предводи во овие десет кола. За 33 минути против Кожув, Пипкинс постигна 25.поени (5/9 за три и 5/6 за два поени), додаде и шест асистенции, пет скока, три освоени и две загубени топки, односно 30. индексни поени.

КЕНИ КАРПЕНТЕР (ПЕЛИСТЕР)

Го забележа свој најдобар индивидуален ефект на гостувањето во СРЦ „Кале“ и средбата со ТФТ. Стигна до бројката од 30 поени (6/9 за три и 5/6 во обидите за два поени), плус и пет скока, по една асистенција и освоена топка, и четири загубени за 37 минути во игра, доволно за индекс – 29.

МАРЈАН ЈАНЕСКИ (КУМАНОВО 2009)

Уште еднаш покажа дека искуството е и тоа како потребно, особено за играње на гостински терен. Макар што во овој случај, на гостувањето ов Струмица, неговата екипа запиша пораз.

Индивидуалните бројки на Јанески велат дека за 38 минути реализираше дабл-дабл ефект изразен со 23.поени (4/9 за три и 5/8 за два поени), десет скока (три офанзивни ), три асистенции, освоени и загубени топки, за индекс 28 со кој се заокружува идеалната петорка на десеттото коло.

ПРВА ПЕТОРКА

Дарел Френклин (Чаир 2030)  41

Светозар Стаменковиќ (Струмица 2022)     37

Лувејн Пипкинс (Гостивар)       30

Кени Карпентер (Пелистер)     29

Марјан Јанески (Куманово 2009)       28

ВТОРА ПЕТОРКА

Стефан Крстајиќ (Струмица 2022)      27

Самит Јигитоглу (МЗТ Скопје Аеродром)    26

Јусуф Мухамед (Чаир 2030)     26

Камерон Форте (Работнички)  25

Александар Костоски (ТФТ)      24

*Петорките се формираат врз основа на бројот на индексни поени