Немаше многу дилеми во изборот за најкорисен играч на премиерното прволигашко коло од новата сезона.
ДИВАНТЕ МОФИТ (ЧАИР 2030)
Новото засилување на екипата на Чаир 2030 Диванте Мофит „влијаеше“ најмногу за првата победа во шампионатото за чаирчани.
Практично уште на првиот меч во сезоната покажа дека ќе биде во сериозна конкуренција за неделните индивидуални признанија.
А до првото во сезоната дојде откако реализира 38. индекс поени. За тоа му беа потребни нецели 35.минути во кои реализираше 34.поени, со исклучително висок процент на реализација, особено за два поени (11/14 односно цели 78%), а ги реализираше, беспрекорно, и сите 12.слободни фрлања.
Освен тоа американското крило додаде и пет асистенции, имаше и три скока, и по три освоени, односно загубени топки.
ТОДОР ЗЛАТЕВ (ЕУРО НИКЕЛ 2005)
Во новата сезона младиот кошаркар од Кавадарци влегува како капитен на Еуро Никел 2005, но и со едно одлично издание макар и против брзо составениот ростер на Академија ФМП.
Одигра нешто повеќе од 30.минути, и притоа забележа ефект од 20.поени (4/4 за два, 2/7 за три и 6/6 за еден поен), како и девет скока, шест додавања, пет освоени топки, за вкупен индекс 35.
БРАЈАНТ БЕРНАРД (ОХРИД)
Уште едно ново лице на македонската прволигашка сцена. Доаѓа од Охрид, а на средбата со Вардар, која на крајот неговиот тим ја загуби, остави одличен индивидуален впечаток.
На своето деби стигна до ефект изразен со 34.индексни поени. Со други бројки кажано, постигна 38.поени (2/6 за три, 12/20 за два и 8/10 за еден поен), дополни со девет скока, по три додавања и освоени топки, но и пет загубени, за 39.минути поминати во игра.
ТАЈР КОРБЕТ (ЧАИР 2030)
Чаирчани може да се пофалат дека имаат уште еден свој играч во идеалната петорка во овој прв круг од натпреварите.
Беше одлична поентерска, но и скокачка поддршка за Мофит на овој натпревар во салата „Шабан Трстена“. Освен 16.поени (6/12 во обидите за два поени), реализираше и исто толкав број на скокови (три офанзивни), но и три асистенции, две блокади и една освоена топка за 37.минути во игра. И сосема коректни 26. индекс поени.
ФИЛИП НАКОВ (ВАРДАР)
Првите пет се затвораат со ефектот кој го реализира младинскиот репрезентативец кој ова лето го засили повратникот во друштвото на најдобрите.
На средбата со Охрид, новиот играч на Вардар постигна 21.поен (7/7 за два, 1/2 за три, и 4/6 од линијата за слободни фрлања), надополнети со седум асистенции, шест скока, но и пет загубени топки. Сето заедно за индекс-26.
ПРВА ПЕТОРКА
Диванте Мофит (Чаир 2030)
Тодор Златев (Еуро Никел 2005)
Брајант Бернард (Охрид)
Тајр Корбет (Чаир 2030)
Филип Наков (Вардар)
ВТОРА ПЕТОРКА
Кристофер Остен (Гостивар)
Марко Баковиќ (МЗТ Скопје Аеродром)
Максим Митевски (Гостивар)
Алан Луис (ТФТ Моцарт)
Блажо Митков (Вардар)
*Петорките се формираат врз основа на бројот на индексни поени