23.11.2022

Силното крило на Работнички го одбележа шестиот круг од Првата лига, дојде до 45 индексни поени против Навико Академија ФМП

ПЕТОРКА НА КОЛОТО: Рекордни бројки на Камерон Форте

ФОТО: Страхил Николов (ТФТ) и Камерон Форте (Работнички) имаа одлични изданија во 6.коло

Со натпреварот во кој МЗТ Скопје Аеродром го совлада Куманово 2009, затворено е и шестото коло од шампионатот.

Го одбележија неколку одлични индивидуални остварувања, а најдоброто го имаше играчот на Работнички, Камерон Форте.

КАМЕРОН ФОРТЕ (РАБОТНИЧКИ)

Силното крило на „црвено-белите“ делуваше максимално рационално на средбата со Навико Академија ФМП. Играше нешто повеќе од 23.минути, а реализираше неверојатни бројки. Постигна 36.поени (без ниту еден обид за три поени). Погоди 18 од 24 обиди вредни по два поени, имаше и две нереализирани слободни фрлања. Но и високи 14.скока (шест од нив офанзивни), три асистенции, и по една освоена, односно загубена топка, или 45 индексни поени.  Најмногу во шестиот круг од натпреварите.

МАРЈАН МЛАДЕНОВИЌ (ЕУРО НИКЕЛ 2005)

Потсети дека сеуште е еден од најдобрите бекови во прволигашката конкуренција. На гостувањето во „Кале“ и дуелот против Феникс 2010 беше прво име во составот од Кавадарци.

Го одигра скоро сите 40.минути. Дојде до 27. поени, со неверојатни 70% во шутот за три поени (7/10), уште имаше и (2/5 за два, и 2/3 за еден поен). На тоа додаде и по седум скока и исто толку скокови, како и две освоени и три загубени топки, за индекс - 33.

ЛУВЕЈН ПИПКИНС (ГОСТИВАР)

Беше доста „мирен“ во првото полувреме, но во продолжението од мечот против Струмица, стартерот на Гостивар дојде, до оние, би се рекло, стандардни бројки кои ги има од почетокот на првенството.

На крајот Пипкинс заврши со 24.поени (4/5 за три и 6/7 за два поени), пет асистенции, три скока, четири освоени топки и две загубени за 27:26 минути поминати на теренот, или индекс-32, трет најдобар скор во колото 6.  

ЈУСУФ МОХАМЕД (ЧАИР 2030)

Игра стандардно добро, но за разлика од почетокот на сезоната, без колективен ефект, односно победа на Чаир 2030. Така беше на гостувањето во Битола, каде крилото на екипата од Чаир дојде до нов дабл-дабл ефект. Изразен со реализација на 26.поени (1/3 за три , 8/9 за два и 7/11 за еден поен), плус и 12. скока (три офанзивни).

Голем минус во крајниот збир (индекс 32) му се шестте загубени топки за оние 32:28 минути на теренот. Имаше и три освоени, како и две успешни додавања.

СТРАХИЛ НИКОЛОВ (ТФТ)        

Репрезентативецот од редовите на ТФТ имаше свои и тоа како успешни минути на средбата со Кожув. Како стартер, одигра 24:30 минути, и притоа дојде до учинок од 23.поени (1/2 за три, 8/11 за два, и 4/5 за еден поен), седум скока, две асистенции, четири освоени и една загубена топка за тоа време во игра.

Односно солидни 30 индексни поени, доволно за место во идеалните пет на шестото коло.

ПРВА ПЕТОРКА

Камерон Форте (Работнички)  45

Марјан Младеновиќ (Еуро Никел 2005)     33

Лувејн Пипкинс (Гостивар)       32

Јусуф Мохамед (Чаир 2030)     32

Страхил Николов (ТФТ)  30

ВТОРА ПЕТОРКА

Сеад Хаџифејзовиќ (Пелистер)           30

Донтеј Бекингем (Феникс 2010)         26

Гиорги Корсантија (Гостивар)  25      

Стефан Крстајиќ (Струмица 2022)      25

Трент Батрик (ТФТ)          21

*Петорките се формираат врз основа на бројот на индексни поени