12.12.2023

Младиот бек на Еуро Никел 2005 го одигра најдобриот натпревар во оваа сезона.

ПЕТОРКА НА КОЛОТО: Тројниот ефект на Тодор Златев за кавадаречка „меморија“

Му помогна на својот клуб да дојде до уште еден триумф, за место во горниот дел од табелата.

Дојде до највисок индекс на поени во прволигашкото 11. коло, доволно за признанието – најкорисен играч.

Тодор Златев уште еднаш потврди дека треба да добива уште поголем играчки „простор“ од страна на стручниот штаб на екипата од Кавадарци.

ТОДОР ЗЛАТЕВ (ЕУРО НИКЕЛ 2005)

Младиот играч на кавадарчани одигра три четвртини, доволно за да дојде до троен ефект, што е вистинска реткост, не само во македонската сениорска елитна кошарка. За тие 30.минути, реализираше 24. поени (3/3 за три поени, 6/11 за два и 3/3 од линијата за слободни фрлања). Но имаше и по 11.скока и исто толку асистенции, три освоени, две загубени топки.

Сето тоа доволно за 42. индексни поени, најдобар скор во 11. круг од првенството.

РОБЕРТ РИКИЌ (РАБОТНИЧКИ)

Највисокиот играч во македонското првенство, покажа дека во него има квалитет, и дека може да биде и тоа како важен играч во ростерот на Работнички.

Со „потврда“ на гостувањето во Гостивар, каде одигра нешто повеќе од 30.минути, период од играта во кој реализираше 23.поени (8/11 за два, и 7/8 за еден поен). Но имаше и 14.скока, половина од нив во фазата на нападот, како и три асистенции, една освоена и две загубени топки, односно индекс – 35.

ТАЈР КОРБЕТ (ЧАИР 2030)

Продолжува да ги тероризира противничките одбрани. Така беше и во Охрид, каде еден од лидерите во составот на Чаир 2030, „одработи“ уште еднаш на високо ниво.

„Преведено во бројки“, тоа изгледа вака, 22. поени (проценти на реализација - 11/15 за два поени, или 73%), 18 скока (четири офанзивни), една асистенција, две освоени топки, и најслабиот дел во играта – пет загубени топки за 35:38 минути. И високи 32 индексни поени.

ОМОТАО ОГУНДИРАН (НАВИКО АКАДЕМИЈА ФМП)

Можеби ќе беше и најкорисниот играч во ова коло, доколку, на пример, неговиот Навико Академија ФМП стигнеше до сензационална победа на гостувањето во СЦ „Јане Сандански“. Но и вака, гледано индивидуално, неговите бројки се високи.

За 31:24 минути, постигна 29.поени (4/8 за три, 5/12 за два и 7/8 за еден поен), плус и седум успешни додавања, шест скока, две освоени топки и една загубена, за индекс 31.

ВОЈДАН СТОЈАНОВСКИ (МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ)

Веројатно, во плановите на стручниот штаб на МЗТ Скопје Аеродром во „поставката на играта“ за средбата со Навико Академија ФМП било Војдан Стојановски да има скратен број на минути. И во таа насока се одвиваа работите на средбата во СЦ „Јане Садански“. Со Војдан на клупата, шампионот имаше проблеми да стигне до планираната цел. Мораше да биде активиран „алармот“ наречен Војдан Стојановски.

Во свој стил ги одработи последните минути, кои се претворија во решавачки. На крајот, зад неговото име останаа запишани 21.поен (3/4 за три и 3/3 за два поени, и 6/6 од линијата за слободни фрлања), плус три скока, две асистенции, две блокади и една освоена топка. Сето тоа за нецели 17.минути поминати на паркетот, и индекс-28 !

ПРВА ПЕТОРКА

Тодор Златев (Еуро Никел 2005)

Роберт Рикиќ (Работнички)

Тајр Корбет (Чаир 2030)

Омотао Огундиран (Навико Академија ФМП)

Војдан Стојановски (МЗТ Скопје Аеродром)

ВТОРА ПЕТОРКА

Брајант Бернард (Охрид)

Христијан Тодороски (Еуро Никел 2005)

Тајрон Лајонс (Охрид)

Елберт Метјус (Феникс 2010)

Деметрик Трајс (Работнички)

*Петорките се формираат врз основа на бројот на индексни поени