Ретки се и тие моменти во Првата лига, но во 17 коло дојдовме и до еден нов момент. Дури тројца играчи од иста екипа, во овој случај, Чаир 2030 да се најдат во идеалните пет.
Тоа им појде од рака на Јован Александровски, Јусуф Мохамед и Недим Мустафица, кои заедно со „незаобиколните“ Мајрон Гордон од Кожув, и Гиорги Корсантиа (Гостивар) се изборот за најкорисните во 17. коло.
МАЈРОН ГОРДОН (КОЖУВ)
Дефинитивно, најкорисниот играч на екипата од Гевгелија. Го потврди тоа и на средбата во која и донесе победа на својата екипа против квалитетниот тим на ТФТ. Кога е расположен за игра, нема одбрана која може да го сопре најдобриот стрелец во лигата. За нецели 39 минути реализираше 32 поени, со одличен процент на реализација во шутот од поле (2/5 за три и 10/13 за два поени) и максимални (6/6) од линијата за слободни фрлања. Освен тоа имаше и шест асистенции, четири скока, три освоени, две загубени топки и една блокада, за индекс – 38, односно најдобар во 17. коло.
ЈОВАН АЛЕКСАНДРОВСКИ (ЧАИР 2030)
Младиот кошаркар го одигра својот најдобар натпревар во сезоната. Ја доби довербата на тренерот, врати со одличен ефект низ оние 36:12 минути кои ги одигра против Пелистер. „Кокетираше“ дури и со трипл-дабл скор, затоа што освен 18 поени (2/2 за три и 6/9 за два поени), имаше и десет успешни додавања, како и седум скока. А до индексот од 34 поени, дојде и со помош на две освени топки, една загубена и една блокада.
ЈУСУФ МОХАМЕД (ЧАИР 2030)
По кратка пауза, се врати на своите стандардно добри игри низ сезоната. Иако почна од клупата за резервни играчи, тоа не му посмета да биде еден од тројцата со највисок индекс во својата екипа.
Одигра преку 30 минути во кои постигна 22 поени (1/3 за три, 6/7 за два и 7/10 за еден поен), а имаше и десет скока, три асистенции, три блокади, две освоени и една загубена топка – или индекс 33.
ГИОРГИ КОРСАНТИА (ГОСТИВАР)
Играч кој има најстандарна форма од оние кои се дел од Гостивар. Високиот Грузиец повторно стигна до уште еден монструозен дабл-дабл ефект во првенството. На гостувањето во Струмица за 34:25 минути во игра, комплетираше ефект од 19 поени (1/2 за три, 7/14 за два и 2/4 за еден поен), 20 скокови (пет офанзивни), како и три асистенции и по една освоена загубена топка и блокада. за индекс 33.
НЕДИМ МУСТАФИЦА (ЧАИР 2030)
Мотивот го водеше босанскиот интернационалец на мечот со Пелистер. Како да сакаше да им покаже на довчерашните соиграчи од Битола колку може, во некоја друга „униформа“, во овој случај, онаа на Чаир 2030.
Остана на теренот во текот на сите 40 минути. Стигна до дабл-дабл учинок изразен преку 28 поени (4/6 за три и 8/15 за два поени), 15 скока (четири од нив офанзивни), две асистенции, по еден блок и освоена топка, и четири загубени, за индекс 32.
ПРВА ПЕТОРКА
Мајрон Гордон (Кожув)
Јован Александровски (Чаир 2030)
Јусуф Мухамед (Чаир 2030)
Гиорги Корсантиа (Гостивар)
Недим Мустафица (Чаир 2030)
ВТОРА ПЕТОРКА
Донтај Карутерс (Пелистер)
Никола Малешевиќ (Работнички)
Стефан Крстајиќ (Струмица)
Ѓорѓе Џелетовиќ (Работнички)
Дарко Соколов (Еуро Никел 2005)
*Петорките се формираат врз основа на бројот на индексни поени