06.05.2023

Поразот од Чаир 2030 (72:81), значи и крај на надежите на кумановци за опстанок во друштвото на најдобрите

ПЛЕЈ-АУТ ЛИГА-МАЖИ: Чаирчани го поттурнаа Куманово кон второлигашката конкуренција

Иако до крајот треба да се доиграат уште четири кола во Плеј-аут лигата, јасно е дека екипата на Куманово 2009 се сели во понизог ранг на натпреварување.

КУМАНОВО 2009 – ЧАИР 2030 72:81

Гостите од Скопје подобро почнаа. Рано се стекнаа со солидно водство, кое по десет минути изнесуваше осум поени (23:15). Нешто подобрата игра во нападот, пред се, ги донесе домашните кошаркари на ралика која може да се стигне, на полувремето беа во минус, но само од пет поени (36:41).

Пресудна за конечниот епилог на овој и тоа како важен меч, особено за кумановските „сино-бели“, беше третата четвртина.

Ја одиграа домашните кошаркари особено лошо. Реализираа само десет поени, доволно за чаирчани да „побегнат“ на високи (60:46), кои знаеја да ги сочуваат во оние десет минути кои преостанаа да се доиграат во салата „Перо Наков“.

Друштво во втората лига ќе им прави и екипата на Струмица 2022 која нешто порано, вечерва загуби од Навико Академија ФМП (92:102), доволно за недостижна негатива во резултскиот скор.

Во победничката екипа, која со овој триумф и дефинитивно го потврди прволигашкиот статус, Александровски застана на 22.реализации, Роби имаше 17, а Чучковиќ уште десет.

Марјановиќ реализираше 20, Нацевски15, Глигоријевиќ имаше 12, на кои додаде и 17.скока, додека Димитриевски заврши со 11. дадени поени во екипата на Куманово 2009.

ПЛЕЈ-АУТ ЛИГА-МАЖИ:

РЕЗУЛТАТИ 2. КОЛО

Куманово 2009 – Чаир 2030     72:81

Струмица 2022 – Навико Академија ФМП  92:102

ТАБЕЛА: Чаир 2030 (7-1), Навико Академија ФМП (6-2), Куманово 2005 (2-6), Струмица 2022 (1-7);

ИДНО КОЛО (13.05)

Чаир 2030 – Навико Академија ФМП

Куманово 2009 – Струмица 2022