25.04.2024

Гевгеличани славеа со сигурни (89:55) за потврда на опстанокот во друштвото на најдобрите

ПЛЕЈ-АУТ ЛИГА-МАЖИ: Кожув го победи Охрид и го врати во Втората лига!

По само една сезона „престој“ во елитната конкуренција, екипата на Охрид во следната натпреварувачка сезона ќе биде дел од второлигашите.

ОХРИД – КОЖУВ   55:89

Кратко траеше прволигашкиот статус на екипата на Охрид. По само една сезона, кошаркарите на Охрид се враќаат меѓу второлигашите.

„Потврдата“, онаа дефинитивната, стигна по поразот на домашен терен од екипата на Кожув, по кој на едно коло поред крајот на Плеј-аут лигата, „сино-белите“ ги загубија и оние шанси кои се граничеа со теорија.  

Екипата од Гевгелија само потврди дека е најквалитетната во оваа мини-конкуренција на четири екипи од кои последните две ќе се преселат во понискиот ранг. Го потврди тоа Кожув и на гостувањето во салата „Билјанини извори“, каде рутинерски ги одработи овие 40.минути.

Статистички гледано, Караџовски реализираше најмногу поени, вкупно 19 (плус пет додавања и три скока). Иванов даде 15, а уште еден искусен кошаркар, Караколев, броеше до 14, додека 13. Поени (седум скока и пет асистенции) реализираше Митевски.

Во домашната екипа Бојовски постигна десет поени.  

Од 18.часот, во салата „Независна Македонија“ се игра уште еден важен меч за изгледот на табелата во Плеј-аут сегментот, во кој  екипата на Навико Академија ФМП го дочекува Вардар

ПЛЕЈ-АУТ ЛИГА

ДВОЈКИ И РЕЗУЛТАТИ 5.КОЛО

Охрид – Кожув      55:89

18.00: Навико Академија ФМП – Вардар    

ТАБЕЛА: Кожув 36, Вардар 32, Навико Академија ФМП 32, Охрид 32;

ИДНО КОЛО (27/28.АПРИЛ)

Вардар – Охрид

Кожув - Навико Академија ФМП