Во вториот натпревар од 4. коло од Плеј-аут сегментот, кошаркарите на Навико Академија ФМП беа многу подобар ривал од Охрид, и дојдоа до особено важен триумф во трката за место кое носи играње во Првата лигата и во наредната натпревруваќка сезона.
НАВИКО АКАДЕМИЈА ФМП – ОХРИД 75:61
Иако на полувремето од натпреварот резултатот беше израмнет (37:37), тие први 20.минути од оваа битка за опстанокот донесоа две сосема различни четвртини.
Во првата издоминира домашната екипа, која и се стекна со солидно водство од (24:16). Но охриѓани се вратија во втората, во која парцијално „победија“ со (21:13), што беше доволно да имаа „отворен натпревар“ во оние втори 20.минути на гостувањето во салата „Независна Македонија“.
Со серија од (12-4), кошаркарите на Навико Академија ФМП го отворија второто полувреме, и поведоа со (49:41). А тој дел од натпреврот го заврпија со слична предност (59:52).
Слично беше на почетокот на последната делница од мечот во која домашната екипа одново направи серија, сега од (10-2) за да се одвои на недостижни (69:54), иако до крајот имаше цели пет минути.
Двете екипи го одиграа овој натпревар со ултра кратки ротации. Сепак, во домашната екипа (настапи само со осум кошаркари) се издвоија Димитровски, стрелец на 17.поени (девет скока и четири асистенции), Петровски, кој освен 16.поени додаде и осум скока, и Иванов кој имаше 11.поени.
Во охридскиот состав, во кој веќе нема ниту еден американски кошаркар, Волканоски постигна 12, а Х. Стојановски уште 10.поени.
По ова 4. коло од доигрувањето во Лигата за опстанок, сега Навико Академија ФМП има ист ефект како и Вардар (6-20), додека во далеку најлоша ситуација е екипата Охрид, на која остана на само пет победи, и во наредните две кола едноставно мора да победи ако сака да остане, макар и теоретска шанса да го сочува прволигашкиот статус.
ПЛЕЈ-АУТ ЛИГА
РЕЗУЛТАТИ 4.КОЛО
Вардар – Кожув 82:70
Навико Академија ФМП – Охрид 75:61
ТАБЕЛА: Кожув 34, Вардар 32, Навико Академија ФМП 32, Охрид 30;
ИДНО КОЛО (25.АПРИЛ)
Навико Академија ФМП – Вардар
Охрид - Кожув