03.06.2022

Во оваа серија, МЗТ Скопје Аеродром ќе се бори за својот деветти трофеј, сите освоени во последните 10 години, Пелистер за првиот...

ПЛЕЈ-ОФ – ФИНАЛЕ: Пелистер „брка“ историја, МЗТ Скопје Аеродром продолжение на шампионската серија

МЗТ Скопје Аеродром или Пелистер?

Чекаме одговор на ова прашање, кој ќе биде шампионот на Македонија за сезоата 2021/2022. Ќе стигне по најмалку три, а максимално пет одиграни мечеви во големото финале.

Првиот натпревар се игра вечерва од 19. Часот (пренос на МРТ3) во Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје. Она што е сигурно е дека ќе има уште два, на 5. и на 7. Јуни. А ако е потребно, серијата ќе продолжи и на 10, односно на 12. јуни. Победник и освојувач на титулата е екипата која прва ќе стигне до три победи во финалето.

Во оваа серија, МЗТ Скопје Аеродром ќе се бори за својот деветти трофеј, сите освоени во последните 10 години.

Пелистер, пак, може да стане само шеста екипа во македонската кошарка со шампионски трофеј, по Работнички, МЗТ, Еуро Никел, Гостивар и Струмица.

Кои се очекувањата во таборот на „сино-белите“ кои се во улога на бранители на шампионскиот пехар.

„Атмосферата во тимот е одлична, што до некаде е природно бидејќи се наоѓаме во долга серија победи, а секој триумф ни влева позитивна енергија, самодоверба и сигурност. Најважна за нас како тим во оваа финална серија против Пелистер ќе биде нашата игра во одбрана и дозата на енергија која треба да ја внесеме со оглед на тоа дека имаме подолга ротација“- смета Адем Мекиќ.

„Пелистер докажа дека е одличен состав, создаден да се бори за титулата и дека заслужено се наоѓа во финалето. Сепак, ние сме МЗТ Скопје, тим со победнички менталитет и големо искуство и кој ќе направи се што е потребно за да стигне до деветтата титула во домашното првенство“ – додава репрезентативниот бек на „металците“.

Ова е и прво финале за битолскиот клуб во историјата и можност за прв трофеј во македонската кошарка.

„Атмосферата во екипата е одлична, пред се поради првиот, историски пласман во финалето на македонското првенство. Нема сомнение дека ќе дадеме се од себе на секој натпревар, и се надеваме дека тоа ќе се исплати. Поминавме една исклучително долга сезона која нè исцрпи, како физички, така и ментално. Но кога се игра финале, нема место за калкулација и замор. Нашиот фокус цела сезона беше да го играме ова финале и еве, сега сме тука. Не беше едноставно, се соочивме со многу предизвици, од повреди, до промена на административната структура во клубот. Сепак, издржавме и заслужено ќе се бориме за титулата“ - смета уште еден репрезентативец присутен во финалната серија, Стојан Ѓуроски.

„МЗТ Скопје Аеродром влегува како фаворит во овој дуел, меѓутоа, како и досега, ние нема да потклекнеме и ќе дадеме се од себе за да стигнеме до посакуваниот трофеј. Се надевам на полни сали, па нека победи подобриот“ – додава високото крило на предизвикувачот во големото финале на македонската кошарка.