Екипата на Бадел 1862 е вториот финалист на овогодинешниот плеј-оф во женска конкуренција.
Актуелниот финалист во Купот, за кратко време уште еднаш беше пресилен за екипата на Крива Паланка. Во својата сала „Независна Македонија“ во скопска Кисела вода, „баделки“ победија со повеќе од убедливи (78:43), доволно да дојдат до (2-0) во полуфиналната серија на плеј-офот, и да „влезат“ во големото финале каде ќе го нападнат шампионскиот пехар во сезоната.
Противник во финалето ќе им биде екипата од која минатиот викенд загубија во финалето на Купот „Благоја Георгиевски Буштур“, Баскет КАМ од Македонска Каменица.
Со оглед н тоа дека и двете екипи имаа по една победа во меќусебните дуели во Суперлигата, финалната серија ќе почне со егал резултат (0:0).
Но предноста на домашен терен ќе ја има екипата на Бадел 1862 која заврши како првопласирана по одигрувањето на Суперлигата.
Нов шампион ќе биде екипата која прва ќе оствари три победи во финалната серија која стартува наредната недела, во Скопје.