Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром не успеаја да ја продолжат серијата на победи во дуелите против Куманово 2009.
Кумановци се надминаа себеси, имаа постојано водство против новиот освојувач на Купот, во драматичен финиш го имаа својот прв адут Ливингстон, кој прво погоди тројка, а потоа два пати беше мирен и од линијата за слободни фрлања. Па по 48 часа, во Скопје, следува мечот на одлука.
КУМАНОВО 2009 – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ 99:95 (1-1)
Доста ефикасна прва четвртина во Куманово. Двете екипи како повеќе да мислеа на нападот, а мнгу помалку на одбраната. По истекот на десетата минута, домаќините имаа минимално водство (31:29), а нивниот капитен, Андрејевиќ, беспрекорни „пет од пет“ од поле, односно 10. поени.
Куманово 2009 беше и екипата која прва стигна до двоцифрена предност. На 3:50 минути пред крајот на полувремето, со парцијални (15-6), кумановските сино-бели“ имаа плус и од 11 поени, (46:35). А Ѓекиќ стана вториот „двоцифрен“ играч во домашната екипа, имаше 11.поени.
Со серија од шест поени, „металците“ најавија враќање во мечот. Намалија на (42:48). А во финалната минута од полувремето беше исто (52:46) за Куманово 2009.
Вториот дел се претвори во вистинска „потера“ на МЗТ Скопје Аеродром по водството кое го имаше противникот. Но, се што успеаја гостинските играчи во третиот период беше само да симнат два поени од негативата, и последната четвртина да ја дочекаат со – 4 (71:75).
Им успеа тоа по поените на Магдевски, по нецели четири минути игра од четвртата четвртина, кога беше (78:78).
Моментот на одлука се случи на 27. секунди пред крајот. На истекот на нападот, Ливингстон погоди тројка, и на Куманово 2009 му донесе водство од четири поени (96:92). Девет секунди подоцна, Олуџоби беше половичен од линијата за слободни фрлања за (93:96).
Истото го направи Ѓекиќ на другата страна, за (97:93). Олуџоби се поправи во наредниот напад (95:97). А најдобриот поединец во домашниот тим, Ливингстон ги тргна дилемите. Ги погоди двете слободни фрлања, за „мајсторка“ во недела навечер во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.