23.05.2021

„Аеродромци“ беа пред амбисот, надополнија минус од десет поени за три минути, и во продолжение го победија Куманово 2009 (94:93)

ПЛЕЈ-ОФ-ЧЕТВРТФИНАЛЕ: МЗТ Скопје Аеродром е последниот учесник во полуфиналето!

„Мајсторката“ за пласман во полуфиналето во Аеродром, донесе голема борба и уште поголема неизвесност околу тоа кој ќе му се спротивстави на Пелистер во битките за место во големото финале.

Малку им беа 40, требаше да одиграат уште пет минути за да одлучат: МЗТ Скопје Аеродром да оди понатаму. Во првата „четворка“ на првенството.

МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – КУМАНОВО 2009         94:93 (2-1)

Не било случајно што екипата на Куманово оваа сезона во два наврати беше подобра од МЗТ Скопје. Еднаш дома, пред некоја вечер, претходно и на теренот во Аеродром.

Го потврдија тоа кумановци и на вечерашниот натпревар, овојпат со најголемо значење. Беше решавачки која од овие две екипи ќе се пласира во полуфиналето на плеј-офот, и за неколку дена ќе ја почне серијата против екипата на Пелистер.

Куманово 2009 ја доби првата четвртина со (19:15), на почетокот на втората четвртина таа разлика беше уште поголема (24:17).

Но домашната екипа предводена од Гравет и од Стојановски стигна до нерешени (30:30). Не и повеќе од тоа...

 Се до 16.секунди пред крајот на полувремето кога се случи една неспортска ситуација во која по удар над Стојановски, прво беше исклучен Андрејевиќ. А освен капитенот на Куманово 2009, поради влегување на терен, МЗТ Скопје Аеродром остана дополнително ослабена по дисквалификациите на Мекиќ и Николов (претходно, поради повреда, и Карачиќ). Доволно, по „техничката“ на клупата на МЗТ Скопје, Марковски да погоди три слободни фрлања, и да ја врати предноста на гостинската страна (41:39).

Минимална беше предноста за „сино-белите“ од Куманово на истекот на 30.минути (63:62). Десет минути од играта во кој во преден план се појавија Црниќ на едната, и Магдевски на другата страна на теренот. Ја држеа неизвесноста до максимум овие двајца играчи.

Но не смее да се заборави и на ефектот на Робев, кој беше вториот „активен“ поентер на гостинската екипа, односно Олуџоби кај МЗТ Скопје Аеродром. 

На половина од последниот период, гостите имаа плус 3 (69:66). Но трите реализирани „пенали“ на Гравет, по подолго време донесоа ново израмнување (69:69).

Излегувањето на Магдевски поради пет лични грешки, донесе една невообичаена петорка на МЗТ Скопје Аеродром. Со три високи играчи (Бојиќ, Крстевски и Олуџоби) на теренот, плус Гравет и Стојановски.

А Јован Црниќ играше како во транс, со нова тројка (5/7 од таа позиција), на четири минути до крајот, донесе највисоки (77:69). И нови главоблоки кај шефот на стручниот штба Дарко Радуловиќ, кој реагираше со тајм-аут.

Без ефект, затоа што Ѓекиќ ја продолжи серијата на гостите, и за двоцифрени (79:69) и 3:03 минути за играње.

Промената на одбраната во зонска (1-3-1), им донесе доста на „металците“. Симнаа пет поени од големата негатива (76:81). А по тројката на Олуџоби, на 54.секунди пред финалната сирена, веќе беше и (79:81).

Марковски не погоди за победа, а Олуџби, на 12. секунди пред крајот, застана на линијата за слободни фрлања. Ги погоди двете, за (10-0) и нов егал (81:81).

А во тоа време за „половина напад“, шансата за полуфинале на Куманово 2009 не ја искористи ниту Робев. Затоа се играше продолжение од пет минути...  

А во нив непогрешливо издание на Олуфеми Олуџоби. Погоди во серија и трета тројка, го однесе својот тим на плус 6 (87:81). Но Ливингстон одговори со четири поени по ред за (85:87). Но гостите не одговорија на притисокот кој самите си го создадоа. Беа сурово казнети, МЗТ Скопје Аеродром е во полуфиналето!