ФОТО: Бојан Крстевски (МЗТ Скопје Аеродром)
Вечерва, од СЦ „Јане Сандански“ стартува 28. финална серија во историјата на македонската клупска кошарка, која ќе го даде новиот шампион.
Играат две екипи кои знаат како се освојува најдрагоцениот пехар. МЗТ Скопје Аеродром е носител на седум, а Еуро Никел 2005 на три. Оттука не им недостасува „искуство“ за атак на уште еден шампионски пехар во нивните трофејни витрини.
Како размислуваат двајца искусни играчи, репрезенативци, пред да стартува серијата во која првак ќе биде онаа екипа која ќе реализира три победи.
Бојан Крстевски беше еден од најконстантните во составот на МЗТ во текот на сезоната, како во домашното првенство и Купот, така и во АБА 2, па со право се очекува својот квалитет да го потврди во финалната серија.
И покрај тоа што МЗТ е фаворит во финалето, Крстевски не ни помислува да го потцени ривалот. Има само комплименти за Еуро Никел 2005.
„Ќе играме против екипа која во своите редови има голем број искусни кошаркари и игра одлична кошарка. Доказ за тоа е фактот што во финалето стигна без пораз во плеј-офот, односно со по 2-0 ги победи Гостивар и Работнички. Кај играчите на двата тима е насобран замор од напорната и доста чудна сезона, но во финале нема место за изговори. Можеби ние имаме мала предност во некои сегменти и ќе се обидеме да ги искористиме најдобро што можеме“- вeли Крстевски
Претходните две шампионски титули во домашното првенство, тој ги освои со тимот на Работнички, во 2009 и 2018 година.
Можеби Еуро Никел 2005 една деценија чека титула во домашното првенство, но во своите редови има кошаркари кои претходните сезони освојуваат трофеи во македонската кошарка.
Меѓу нив и Дарко Соколов кој пред две години триумфираше со МЗТ Скопје, а во 2012 и со сегашниот тим што е последна титула за Еуро Никел 2005. Кавадарчани првпат ќе играат финале по пауза од девет сезони.
ФОТО: Дарко Соколов (Еуро Никел 2005)
Искусниот бек најавува нов атак на врвот:
„Пред почетокот на сезоната, наша главна цел беше пласман во плеј-офот (според стариот натпреварувачки систем), односно место меѓу првите четири екипи во Суперлигата. Со учеството во финалето, ја надминавме таа цел што значи дека оваа сезона за нас е успешна. Во финалето против МЗТ Скопје Аеродром влегуваме како аутсајдери, противникот има подолг ростер од нас. Но тоа не значи дека ние планираме да се предадеме. Ќе играме како и цела сезона, па ќе видиме дали тоа е доволно. Нека победи подобриот“- смета Соколов.
Освен него, шампионски титули во тимот на Еуро Никел 2005 имаат уште Никола Караколев, Ранко Мамузиќ и Данило Мијатовиќ.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ ВО ФИНАЛНАТА СЕРИЈА
2.ЈУНИ: МЗТ Скопје Аеродром – Еуро Никел 2005
4.ЈУНИ: Еуро Никел 2005 - МЗТ Скопје Аеродром
6.ЈУНИ: МЗТ Скопје Аеродром – Еуро Никел 2005
* 8.ЈУНИ: Еуро Никел 2005 - МЗТ Скопје Аеродром
* 10.ЈУНИ: МЗТ Скопје Аеродром – Еуро Никел 2005
* ако биде потребно