Во претходните 27 цели сезони во македонската кошарка, никогаш не се случило во финалето да не игра најдобриот тим од основниот дел на сезоната.
Согласно со тоа, никогаш не се случило четвртопласираниот тим да го елиминира првиот носител во полуфиналето.
МЗТ Скопје Аеродром е првиот на кого му успеа тоа иако мора да се знае дека оваа сезона беше необична бидејќи не се играше Суперлига, туку екипите од основниот дел на сезоната влегоа директно во плеј-оф. „Аеродромци“ го совладаа Пелистер кој цело првенство беше на челната позиција, а потклекна кога тоа не смееше да му се случи.
Годинашното финале ќе остане запишано во историјата и поради тоа што за титулата ќе се борат екипи кои завршија на третата и четвртата позиција. Тоа значи дека ќе го добиеме најслабопласираниот шампион по основниот дел од сезоната бидејќи досега титулите ги освојувале или првиот или вториот.
Годел Работнички во 2000 година влезе во финалето како третопласиран по Суперлигата, но потоа загуби од Никoлферт со (2-3).
Како размислуваат тренерите на двете екипи финалисти, Дарко Радуловиќ, односно Горан Самарџиев, кои за разлика од тимовите кои ги водат, за прв пат во својата, и не баше така долга тренерска кариера, ќе имаат шанса да го освојат шампионскиот трофеј.
„Добро е што сите кошаркари се здрави и подготвени да дадат сѐ од себе. Во тимот се враќа Иван Карачиќ, за кого допрва ќе видиме колку и што ќе може да помогне. Ова е финале, кое секогаш е решавано од ситни детали, а пред сѐ од мотивацијата и желбата за триумф. Добро го познаваме Еуро Никел, им ги знаеме добрите и послабите страни, а на нас е да одиграме во одбраната на ниво како во куп-завршницата. Ако го сториме тоа, тогаш патот кон целта ќе ни биде олеснет“ - вели тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Дарко Радуловиќ.
„Очекувам фер и коректна кошарка од двата тима, па нека победи подобриот. Ние после десет години сме повторно во финале, и ќе уживаме во секоја минута на теренот. Нема да има многу тактички надмудрувања бидејќи веќе одигравме многу натпревари, и се е јасно од каде доаѓа најголемата опасност. Ќе гледаме да го изненадиме МЗТ Скопје на нивниот терен уште на првиот натпревар. Кој ќе има поголема желба за победа тој ќе има повеќе шанси за триумф. Ние ќе се бориме до последниот здив и ќе се бориме до крај. Нека победи кошарката“- порачува стратегот на екипата од Кавадарци.