Горан Самарџиев вели дека неговата екипа ќе ги надмине сите проблеми, особено со се поприсутниот „замор на материјал“ предизвикан и поради фактот што наместо во Кавадарци, плеј-офот го играат во Гевгелија.
Така ќе биде и денеска, од 17.часот, кога во салата „26.април“ се игра вториот меч од финалната серија на плеј-офот.
„Во изминатиот краток период, гледавме да се одмориме што е можно повеќе утре. Секојдневно патуваме на релација Кавадарци-Гевгелија. Премногу е напорно со оглед на тоа што имаме помал број на играчи, но повторно ние сме професионалци и не се откажуваме. Допрва ќе видат сите дека ние не се откажуваме, ова е само прв натпревар, ќе се бориме до последен здив, па нека победи подобриот“ – вели младиот тренер на клупата на Еуро Никел 2005.
Кавадарчани имаа одличен почеток во „Јане Сандански“. Направија серија од (12-0) во уводните минути од првиот финален меч. Но потоа како да ја загубија својата игра. Момент кој нивниот противник знаеше да го искористи и да направи пресврт по кој дојдоа и до првиот плус во финалето.
Дарко Радуловиќ, предводникот на МЗТ Скопје Аеродром од клупата, смета дека првиот меч треба да се заборави. Мислите да се насочат на она што денеска следува на Југот од земјата.
„Еуро Никел 2005 е доста искусна екипа. Можат да погодат шутеви од далеку, а за разлика од нив, на првиот меч ние во нападот не реализиравме од доста поволни ситуации за тоа. Но тоа е спортот, и навистина не треба многу дискутирање. Јасно е дека треба да ја поправиме играта’два на два’. Но мислам дека сме на добар пат“ – смета Радуловиќ пред денешното гостување во Гевгелија.