Со девет поени по ред, на репрезентативниот бек, Андреј Магдевски во последните четири минути од дуелот во салата „26.април“, МЗТ Скопје Аеродром го скрши отпорот на Еуро Никел 2005. Дојдоа популарните „металци“ до посакуваниот брејк, па за два дена, во Скопје, ќе ја имаат првата меч топка за осмата, за нив, шампионска титула во историјата.
Но и можност да ги обединат двете домашни круни во оваа турбулентна сезона.
ЕУРО НИКЕЛ 2005 – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ 91:95 (0-2)
Одлична прва четвртина за Еуро Никел 2005 и враќање на МЗТ Скопје Аеродром, во онаа што следуваше, втората...
Збирно, резултатски, по 20.минути од играта (47:45) за екипата од Кавадарци која финалето, односно овој плеј-оф, го игра во Гевгелија.
Кавадарчани имаа одлични, 30 дадени поени во првиот период од вториот финален меч. Имаа и двоцифрена предност (32:22), во уводната минута од втората четвртина. Но и тоа, се покажа, не им беше гаранција за сигурност, затоа што екипата која има (1-0) во оваа серија, најде начин, секако и играчи, да се врати назад во игра.
Интересно, поентерски, во тоа прво полувреме се идвоија високите играчи. Роберт Рикиќ на домашната, кој реализираше 15.поени, и Крстевски, на гостинската, кој финишираше со 11.поени, и Олуџоби, кој имаше два помалку во тој дел од финалето број 2.
Уште еднаш, МЗТ Скопје Аеродром имаше „подобра клупа“ која реализираше 11.поени, наспроти пет на противникот.
Резултатски израмнет беше третиот дел од мечот во Гевгелија. Но во два наврати, домашниот тим имаше солидна предност. Прво (55:47), по неполни три минути по одморот. Потоа и (69:64) по тројката на Соколов на влезот на последната минута од четвртината.
Но Бојиќ и Мекиќ поставија, поточно намалија на (69:67) на влезот на последната делница од натпреварот.
А таму, решението дојде на нецели четири минути до крајот. Се тргна наопаку за кавадарчани по техничката грешка на клупата. Стојановски ја казни нервозата, за (82:79), по што следуваа четири поени на Магдевски, серија од девет неодговорени поени, и водство на МЗТ Скопје Аеродром од седум поени (86:79).
Серијата ја прекина Соколов, за (81:86), пред крајните 120 секунди. Но Магдевски немаше намера да сопре. Погоди уште еднаш, и „од табла“, за (88:81). Потоа даде и тројка, за недостижни (91:83) на 66. секунди пред сирената да го означи крајот на овој втор меч од финалето, по кој аеродромци се на (2-0), и сега им треба само уште една победа за нова титула.
Следната станица е салата во СЦ „Јане Сандански“, во недела навечер, кога можеби ќе го добиеме и новиот шампион.