02.06.2021

„Металците“ стигнаа почетни (0-12), и со пресврт, дојдоа до „минималец“, (83:81) во првиот меч од големото финале, за почетни (1-0) во серијата

ПЛЕЈ-ОФ-ФИНАЛЕ: Првиот шампионски бал за МЗТ Скопје Аеродром

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром го добија првиот меч од финалната серија на плеј-офот, и поведоа со (1-0) против Еуро Никел 2005.

Скопските „металци“ имаа почетен, кризен период. Губеа со (0-12). Но брзо, и навремено се вратија „назад“ во првиот финален натпревар. Како одминуваа минутите, така го крше отпорот на противникот, и по 40.минути игра, стигнаа до планираниот триумф.

МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – ЕУРО НИКЕЛ 2005       83:81 (1-0)

По 3:10 минути од играта во втората четвртина МЗТ Скопје Аеродром го презема водство. Поведе домашната екипа со (27:25), по серијата од (14-2) реализирана во период од крајот на првата и три минути од втората четвртина.

Прво се вратија на (17:25), по наивната грешка на најискусниот играч на кавадарчани, Мијатовиќ, на истекот на првата четвртина во која Еуро Никел 2005 стартуваше со неверојатни (12:0).

А потоа, „металците“ ја продолжија серијата која ги врати назад во финалето.

Ја прекина Дубински со своја втора тројка, за враќање на водство, но сега минимално, на страна на гостинската екипа.

Како минуваа минутите во вториот период, така паѓаше и играта на Еуро Никел 2005. Без Рикиќ (доби две лични грешки) и помалку заморениот Соколов, тоа беше и некој очекуван пад во тактичката поставеност на кавадарчани.

Нивниот тренер Горан Самарџиев немаше друга опција, и ги врати назад своите двајца најдобри играчи на теренот кои заедно со Караколев, и ја креираа убедливата предност во уводниот дел од првиот финален меч во СЦ „Јане Сандански“.

Од друга страна, во „втора брзина“ уфрли Хасани Гравет кој набрзина собра десет поени, за (37:34) по 18.минути игра од финалето.

А десет поени дојдоа и од клупата на екипата од Аеродром, што беше и остана нивна голема предност.

Како почнаа, домашните мораа да бидат задоволни со оние (41:37) кои ги имаа на крајот на првото полувреме.

Предолгата пауза на полувремето, очигледно подобро влијаеше на домашните кошаркари. За половина од третата четвртина, а благодарене на точните шутеви за три поени, изградија двоцифрено водство (56:45).

Од истата дистанца, но само повремено, погодуваа и кавадарчани. Но, две по ред, тројки на Дубински го прекинаа тој налет на аеродромци. За нивно враќање во натпреварот, (51:56) и нервоза на клупата на противникот.

Тајм-аутот резултираше со девет поени во серија на екипата-домаќин, за ново одвојување, сега на највисоки (65:51). Ги намали најстандардниот во редовите на гостите од Кавадарци – Дарко Соколов, кој постави (56:68) по три одиграни четвртини.

Период од игра во кој поентерски се одвои Олуџоби (19.реализации), а до  двоцифрен број на поени стигна и Стојановски-13, (претходно Гравет).

Тројките беа шанса за спас на Еуро Никел 2005. Ги погодуваа гостите со 48% на успешност. И останаа во игра, иако „надвор од игра“ одамна беше нивниот највисок (и најголем) адут – Роберт Рикиќ. По една на Петровски, 12. тимска, екипата од Кавадарци намали на -2 (77:79). Но Крстевски врати со иста мерка, од иста позиција (82:77).

Но крајот беше далеку...

Драматика донесе уште една тројка,која дојде од Дубински, за „пола кош“ предност на домаќините.

И 16.4 секунди ди крајот...

А во нив гостите одиграа како почетници. Иакао не беа во бонус, им дозволија на противниците да „потрошат“ повеќе од 15. Да го испратат на линијата за слободни фрлања, Мекиќ, кој на 1.1. секунда пред крајот, го погоди првото, логично, не и второто, ама доволно за победа (83:81)

Сепак, МЗТ Скопје имаше „нешто повеќе“ и со пресврт, навремен, стигна до посакуваната цел – победата на стартот од оваа серија која за 48. часа се сели во Гевгелија, каде на 4. јуни (од 17.часот), ќе се игра вториот меч од серијата „подобар од пет“ натпревари.