ФОТО: Вечерва следуваат нови дуели помеѓу Кристијан Николов (МЗТ Скопје Аеродром) и Џексон Дубински (Еуро Никел 2005
Големи (2-0), односно водство има екипата на МЗТ Скопје Аеродром во големото финале на макеоднската клупска кошарка. Им недостасува само уште еден триумф за да стигнат до својот осми шампионски пехар, и да ги обединат двете круни во оваа турбулентна, во секој поглед, сезона.
Ќе се обидат тоа да го направат аеродромци вечерва, од 17.30 часот, на свој терен, во големата сала на СЦ „Јане Сандански“.
Имаат голема предност, која реално тешко се стигнува. Но „сино-белите“ не сакаат ништо да препуштат на случајноста.
„Немавме време за славје затоа што мораше да ги искористиме овие два дена за одмор и рекуперација. Се со една цел, денеска да го одбраниме домашниот терен и да ја оствариме нашата цел – да ја освоиме и шампионската титула. Сега сме многу блиску до тоа остварување, но треба да одиграме на уште повисоко ниво во однос на првите два натпревари против еден противник кој никогаш не се предава“ – вели Андреј Магдевски, еден од творците на вториот триумф во финалната серија.
Победа која може да се покаже и како решавачка во финалната серија која ги остави кавадарчани во голема негатива. Па пред нив сега се појавува еден императив. Да се победи МЗТ Скопје во Аеродром, или да се стави крај на една одлична сезона за Еуро Никел 2005.
Јасна е и пораката на предводникот од клупата, тренерот Горан Самарџиев.
„И покрај тоа што е 2-0 во серијата сметам дека ништо не е готово, ќе одиме да дадеме се од себе во Скопје. Во ниеден случај не се предаваме, ќе го дадеме максимумот и се надевам дека ќе успееме да ја продолжиме серијата“- смета младиот стручњак во пресрет на натпреварот број 3 од финалето кој ќе го суди тројката Алија Феревски-Тони Панов-Боро Антовски, додека пак во улога на делегат- контролор е Антонио Угринов.