18.03.2017

ПЛЕЈАУТ: Пелистер не му дозволи на Вардар да стигне до првата победа

Кошаркарите на Вардар беа блиску до запишување на првата своја победа во кошаркарската прва лига, но брзата игра на Пелистер во вториот период и во четвртиот период од овој меѓусебен дуел ги спречи во таа намера. Избраниците на Ѓорѓи Кочов беа мотивирани за победа, но се чини недоволно. Во финишот, Пелистер славеше на гостувањето во Скопје со односно 22-21, 12-17, 13-13, 19-15 и 15-19 по делници.

Грубата игра на кошаркарите од гостинскиот состав беше причината поради која битолчани не направија голема разлика на стартот на натпреварот. Сè што реализираа Голубовиќ и Анакиевски беше поништено од страна на домаќинот преку поени од линијата за пенали. Се разиграа Робев и капитенот Лефкоски па по 10 минути игра резултатот гласеше 22-21 во полза на домаќинот. Бројот на грешки во Пелистер порасна во вториот период, но реализацијата опадна кај домаќинот. Кошаркарите на Пелистер, иако грешеа, беа далеку попрецизни од домаќините, па со брза игра го преземаа водството на полувремето (34-38) кое го одржуваа до стартот на последните 10 минути. Вардар изедначи по речиси 20 минути поминати во негатива (51-51). Во наредните четири минути поголемиот дел од шутевите упатени кон двата коша не завршуваа низ мрежата. Давков реализира тројка и донесе водство за Пелистер, но во последните неколку минути домаќините го искористија бонусот на гостинскиот состав, се разигра и Робев и со фуризоен финиш Вардар стигна до ново водство на 40 секунди до крајот на натпреварот. Повика Петковски тајмаут и ги мотивира своите избраници за да тие се изборат за пет минути дополнителна игра по егал од 66-66. Главната улога во петте минути дополнително време повторно ја одиграа пеналите, а како победник од битката од линијата за слободни фрлања излезе Пелистер.

Стрелци на натпреварот:
Вардар: Лефкоски (14 поени), Робев (17 поени), Митков (13 поени). Шалев (10 поени), Србиновски (17поени)
Пелистер: Андрејевиќ (17 поени), Фил (23 поени), Анакиевски (10 поени), Голубовиќ (14 поени), Давков (14 поени).