11.03.2017

ПЛЕЈАУТ: Вардар ’падна’ во финишот, двата бода одат на контото на Струмица

Во вториот натпревар од Плејаут лигата на Македонија Струмица беше подобра екипа од Вардар со 63-61 (15-15, 17-21, 13-11 и 18-14). За избраниците на Перо Настев ова е трета победа во тековната натпреварувачка сезона над младиот состав на Вардар (две победи во регуларниот тек и една во Плејаут лигата). Со новиот пораз зад себе, Вардар ќе има тешка задача за да обезбеди опстанок со оглед на тоа дека сегашниот скор (ниту една победа и 15 порази) не оди во нивна корист.

Искуството е на страната на Струмица поради што домаќинот успеваше да ја збрише секоја негатива која ја наметнуваа младите кошаркари на гостинскиот состав. Отворање на натпреварот со 6-0 односно 9-2 воопшто не го индиспонира младиот состав на клубот од скопско „Кале“ напротив, следеше мала доминација на кошаркарите од Вардар (сите петмина се запишаа во листата на стрелците) по што резултатот гласеше егал (15-15). Стиснаа заби гостите од Скопје и продолжија со брзата игра и во вториот период од натпреварот што вроди со плод, па на полувремето се замина со 32-36 во полза на избраниците на Ѓорѓи Кочов. Струмица не сакаше да се предаде, особено не пред домашната публика. Перо Настев знаеше како да ги мотивира своите кошаркари, а тие слушајќи ги неговите совети покрај аут-линијата одново изедначија (49-49). Вардарци брзо го исполнија бонусот што им овозможуваше на домаќините почесто да застануваат на линијата за пенали. Поените од слободните фрлања, како и брзата игра на Брчков и на Стефановски и донесоа ново водство на Струмица, кое Лефкоски со своите проектили (двапати во низа прецизен зад линијата за три поени) не можеше да ја анулира.

Стрелци на натпреварот:
Струмица: Брчков (18 поени), Богоев (11 поени), Делипетров (10 поени)
Вардар: Лефкоски (20 поени), Зекири (15 поени)