21.05.2017

ПЛЕЈОФ, ФИНАЛЕ: Ќе се игра мајсторка за новиот шампион

Кошаркарите од Карпош Соколи се изборија за петти натпрвар во кој ќе се борат за прва шампионска титула. Клубот од Карпош го совлада актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром на свој терен и во 'мајсторка' која е закажана за на 24. мај овие две екипи ќе го одлучат новиот кошаркарски шампион на Република Македонија.

Натпреварот изобилуваше со атрактивни акции на двете страни, но кога стануваше збор за реализирани шутеви од далечина тука прецизноста беше на страна на домашниот состав. Со 13 шутеви за три поени, „Соколите“ направија огромна разлика од 21 поен (51-30), но успеаја да ја задржат до крајот на првиот дел од натпреварот. Во третиот период, се разиграа кошаркрите од гостинскиот состав и со серија од осум поени само ја најавија доминацијата на паркетот. Во наредните десет минути следеше тесна битка во која гостинот се доближи и на само два поени негатива (73-71). Кога се чинеше дека „аеродромци“ ќе направат и резултатски пресврт се разигра Бојан Трајковски, а поените од линијата за слободни фрлања не беа доволни за победа на кошаркарите од клубот од Аеродром.

Во финишот, Карпош Соколи славеше со конечни 86-78 (26-25, 30-14, 9-22, 21-17)

Стрелци на натпреварот
Карпош Соколи: Соколов (10 поени), Пери (24), Трајковски (10), Лабовиќ (11), Мавра (11)


МЗТ Скопје Аеродром: Синовец (17 поени), Клоф (14), Мијатовиќ (17), Темс (13), Лалиќ (10)