08.05.2018

Четири екипи, еден трофеј!

Плејофот може да започне!

Битката за трофејот број 26 кој ќе го подигне новиот шампион на Република Македонија започнува денес. МЗТ Скопје Аеродром ќе ја отвори полуфиналната серија од плејофот нагостувајќи ја екипата на Блокотехна во рамки на првиот полуфинален натпревар додека Работнички и Куманово 2009 утре ќе го комплетираат првото коло.

МЗТ Скопје Аеродром сака да продолжи себично да го чува престижниот трофеј во своите витрини, но новајлиите во кошаркарската елита сакаат да ја крунисаат својата прва сезона во Првата лига на најдобар можен начин. Во меѓусебните натпревари, во рамки на Супер лигата бројките се на страната на актуелниот шампион во домашното првенство. Блокотехна првин загуби на домашен терен (66-75), а потоа и на гостински (87-73). Двата пораза несомнено дополнително го мотивираат составот од „Негорски Бањи“ за да се покаже во што подобро светло.

Ѓорѓи Кочов, тренер МЗТ Скопје Аеродром
Ги победивме Блокотехна двапати во Супер лигата, но тоа не мора да значи дека ќе бидат лесни противници вечерва, токму напротив. Блокотехна се опасен и незгоден противник на кој ќе мора да внимаваме во сите аспекти од играта. Да одиграме максимално цврсто во одбраната и тогаш нема да имаме некој поголем проблем. Сметам дека одбраната ќе го даде денешниот победник.

Марјан Илиевски, тренер Блокотехна
Здравствениот биланс ни е подобар од што беше претходно. Потребна ќе ни биде добра одбрана на овој натпревар, но не смее да изостанат и другите делови од играта. Треба да примиме помалку поени отколку што ќе дадеме, нели. Мора да се искористат сите слаби страни на противникот. Ние сме подготвени за предизвикот наречен полуфинале со МЗТ Скопје Аеродром за кој сум убеден дека победникот ќе го одлучат нијанси. Доста важен ќе биде и фокусот на сите актери на теренот.

Натпреварот ќе се одигра денес (8. мај, вторник) со почеток во 19:00 часот и истиот ќе биде пренесуван во живо на првиот програмски сервис на македонската национална телевизија МРТ.