08.03.2020

ПО ПОСЛЕДНИОТ НАТПРЕВАР ОД 17.КОЛО: МЗТ Скопје Аеродром и теоретски недостижен за конкуренцијата

Со повеќе од убедливата победа над Еуро Никел 2005 (93:60),  бранителот на шампионскиот трофеј на коло пред крајот на регуларниот дел само потврди дека во Суперлигата ќе стартува од најдобрата позиција-првата.

 

Полесно од очекувањата, екипата од Аеродром го „стопи“ Еуро Никел 2005. Славеше убедлив триумф, број 14 во првиот дел од сезоната, недостижен за конкуренцијата во овој момент...

МЗТ Скопје Аеродром – Еуро Никел 2005  93:60

(20-13; 23-18;  29-10; 21-19)

Стартната серија од (9-0) ги даде насоките каде ќе се движи резултатот но и играта на двете екипи. Нецели три минути беа потребни кошаркарите на МЗТ Скопје да го „натераат“ Горан Самарџиев, тренерот на Еуро Никел 2005 да повика тајм-аут.

Минута по која кавадарчани најдоа некој баланс во играта, но „металците“ го одржуваа тоа почетно водство се до крајот на полувремето. Во петатта минута, имаа плус 10 (16:6), потоа и (20:11), за првата четвртина МЗТ Скопје да ја затвори со (20:13).

Многу лоша реализација имаа гостите од Кавадарци и во продолжението на играта. Затоа и не можеа да ја спуштат разликата под осум поени (17:25). Со реализација од 38% во шутот од поле и не можеа да очекуваат многу.Со враќањето на теренот на Стојановски, кој добро се одмори на клупата, домашната екипа одново ја надмина двоцифрената разлика. Во 16.минута таа изнесуваше 13.поени (33:20), потоа и (41:29) за полувремето да биде затворено со сличен резултат, (43:31) во корист на шампионот.

Но тоа не беше се од лидерот, кој по оние 15 минути за одмор, притисна уште повеќе. Пред се во одбраната. Не им дозволи лесни поени на кавадарчани. А на друга страна, во нападот се разигра репрезентативецот Андреј Маслинко. Со неколку поентирања во серија комплетно ја растури дефанзивната стратегија на Еуро Никел 2005, ако таа воопшто и постоеше во тој временски сегмент од играта. Во осум минути МЗТ Скопје Аеродром направи неверојатни (29-8), ја качи предноста на уште понеочекувани, плус 33.поени (72:39).

И тука приказната МЗТ Скопје Аеродром-Еуро Никел 2005 заврши!

Куриозитет, гостите не го погодија кошот на домашната екипа цели пет и пол минути. Поентираше Бакоч, пред истекот на таа за нив очајна четвртина, за (41:72).

Во оние минути за доигрување, сосема логично. Ѓорѓи Кочов се обиде да ги одмори оние играчи со висок, со голем  број на минути во изминатиот период. Шанса доби турскиот интернационалец Рагиб Атар, а во последните две минути и Никола Василевски (играч роден 2003 година), кој стигна до своите први професионални поени-четири, кои дефинитивно ќе ги памети цел живот. 

Комплетна статистика од мечот – ТУКА