Купот помина, дојде на ред и финалната серија на плеј-офот во женска конкуренција. Серија, која се игра според системот „подобар во пет “ натпревари, всушност ќе биде реприза на финалето.
И во битката за шампионскиот трофеј вечерва од 19.часот, ќе тргнат екипите на Бадел 1862 и на Баскет КАМ.
Девојките од Македонска Каменица го освоија куп-пехарот, сега ќе атакуваат и на оној, поважниот, шампионскиот.
Важат за фаворити со оглед на оние случувања во финалните 40.минути од Купот на Македонија.
Екипата на Баскет КАМ од Македонска Каменица
Но ако се „мери“ искуството односно бројот на освоените титули, „баделки“ се во огромна предност.
Ова е впрочем, прво појавување на Баскет КАМ во големото финале кое го дава новиот шампион.
Од друга страна зад Бадел 1862 пет освоени, по ред, титули во периодот од 2013 до 2018 година, и настап во последното финале (загубија од Вардар), додека во ланската сезона поради пандемијата, не беше промовиран шампионот.
Освен тоа, Бадел 1862 ќе ја има и почетната предност која ја носи играњето на домашен терен. Иако двете екипи си разменија по една победа во Суперлигата, „баделки“ се во предност затоа што имаат подобар скор во меѓусебните два меча.
Но таа предност и не мора да значи многу, со оглед на тоа дека финалистите досега победуваа токму на теренот на противникот.
Првиот меч од серијата се игра вечерва, со почеток од 19.часот, во салата „Независна Македонија “ во Скопје. Судиската тројка ја чинат: Цветановски-Червенка-Данев, а во улога на делегат е Цветковиќ.
Екипата на Бадел 1862 од Скопје
Поглед низ историјата
Ова ќе биде вкупно 28.финална серија од плеј-офот од постоењето на македонската клупска кошарка во женска конкуренција. Прв освојувач на шампионската титула, во сезоната 1992/1993, е екипата на Иноспектар Студент.
Екипата на Вигор Скопје пак е најтрофејната. Под тоа име „вигорки“ осум пати му се радувале на шампионскиот пехар, и уште пет под името Бадел 1862.
Четири пати шампион на Македонија во оваа конкуренција била екипата на Кимико од Струга (2002 до 2006 година). Во два наврати шампионските одличја ги добиле кошаркарките на Тиквеш (Флорида, Балкан) во сезоните 1993/94 односно 2001/2002,
А свое место во историјата на женската кошарка, како шампиони, има и за: Агроопрема, Водњански Лисици, Младинец Изградба комерц, Кросиг и скопски Вардар, кој е и последниот освојувач на шампионската титула.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ ВО ФИНАЛНАТА СЕРИЈА
19.МАЈ: Бадел 1862 – Баскет КАМ
22. МАЈ: Баскет КАМ – Бадел 1862
26. МАЈ: Бадел 1862 – Баскет КАМ
29.МАЈ: Баскет КАМ – Бадел 1862 (ако биде потребно)
2.ЈУНИ: Бадел 1862 – Баскет КАМ (ако биде потребно)
ЛИСТА НА ДОСЕГАШНИ ШАМПИОНИ – ЖЕНИ
СЕЗОНА 1992/93: Иноспектар Студент – Симекс Скопје 3:0
СЕЗОНА 1993/94: Тиквеш Флорида – Студент 6:4
(серијата стартува со водство од 3-1 за Тиквеш Флорида)
СЕЗОНА 1994/95: Студент – Тиквеш Флорида 3:0
СЕЗОНА 1995/96: Агроопрема – Студент 3:0
СЕЗОНА 1996/97: Студент – Кочани 3:0
СЕЗОНА 1997/98: Вигор Скопје – Тиквеш-Кавадарци 3:1
СЕЗОНА 1998/99: Вигор Скопје – Профитнес Вест-Охрид 3:1
СЕЗОНА 1999/2000: Вигор Босс Скопје – Водњански Лисици-Скопје 3:2
СЕЗОНА 2000/2001: Водњански Лисици – Скопје – Вардар 3:1
СЕЗОНА 2001/2002: Тиквеш Балкан – Куманово 3:0
СЕЗОНА 2002/2003: Кимико-Струга – Профитнес-Охрид 3:1
СЕЗОНА 2003/2004: Кимико-Струга – Вигор Скопје 3:1
СЕЗОНА 2004/2005: Кимико-Струга – Вигор Скопје 3:0
СЕЗОНА 2005/2006: Кимико – Струга – Вигор Скопје 3:1
СЕЗОНА 2006/2007: Вигор Скопје – Билјана 006–Охрид 2:1
СЕЗОНА 2007/2008: Вигор Скопје – Младинец-Скопје 3:1
СЕЗОНА 2008/2009: Вигор Скопје – Билјана-Охрид 3:0
СЕЗОНА 2009/2010: Младинец – Вигор Скопје 3:1
СЕЗОНА 2010/2011: Вигор Скопје – Клубски 3:0
СЕЗОНА 2011/2012: Вигор Скопје - Бадел Кросиг-Скопје 3:0
СЕЗОНА 2012/2013: Кросиг-Скопје - Вигор Скопје 2:1
СЕЗОНА 2013/2014: Бадел 1862 – Работнички 3:0
СЕЗОНА 2014/2015: Бадел 1862 – МНА Кожувчанка 3:0
СЕЗОНА 2015/2016: Бадел 1862 – Клупски 3:0
СЕЗОНА 2016/2017: Бадел 1862 – Вардар 3:0
СЕЗОНА 2017/2018: Бадел 1862 – Вардар 3:0
СЕЗОНА 2018/2019: Вардар – Бадел 1862 3:0
СЕЗОНА 2019/2020: без шампион
СЕЗОНА 2020/2021: ???