08.10.2021

Големиот број на играчки, и тренерска промена не го ставаат бранителот на титулата во преден план

Почеток на новата сезона во Првата лига-жени: Дали Бадел 1862 ја враќа доминацијата?

Две седмици по стартот на првата лига во машка, овој викенд ќе почнат возбудувањата и во женската најквалитетна конкуренција.

И оваа сезона поделена во две групи. Во онаа најквалитетната, групата „А“ ќе се натпреваруваат најдобрите осум (според постигнатиот пласман во изминатата).

Титулата, и во првенството, но и во Купот, ќе ја брани екипата на Баскет КАМ од Македонска Каменица.

Основното прашање поврзано со шампионот е дали се подготвени да го постигнат тоа, уште еднаш да се впуштат во трката за двата трофеи во македонаката женска клупска кошарка.

Ако „се мери“ според прикажаното на оној уводен меч од сезоната, Суперкупот, но и првиот нивни одигран меч во WABA лигата, новиот тим на Баскет КАМ е далеку од тоа.

Јасно е дека за кратко време тешко е да се надополнат оние бројни заминувања од шампионскиот тим. Во него веќе го нема МВП на сезоната, Анџелика Митрашиновиќ, МВП на финалето на Купот, Гобељиќ, нејзината сонародничка, Брајковиќ. Ја нема ниту репрезентативката Ивана Кметовска, Лилјана Игњатова... На клупата не е повеќе Александар Ашаданов, туку Александар Алексиев, бугарски стручњак кој треба да го креира новиот „Баскет КАМ“.

Проект во кој се чини централно место треба да заземе најавеното враќање на Јелена Антиќ, но и одбир на уште некој квалитетен кошаркар, кои би биле вистинска „логистика“.

Дотогаш, се чини дека фаворитската улога им припаѓа на кошаркарките на Бадел 1862.

Повторно, ако се суди според првите игри, што секако не е и дефинитивен заклучок, „баделки“ се подготвени да одат уште „понапред“ во однос на лани. Да се обидат да ја вратат титулата во своите витрини. Сега со помош на Кметовска, која лани го направи тоа со Баскет КАМ, но и уште една повратничка кај „жолто-сините“, Кејтлин Матје. За година плус поискусни сега се и Сања Адамовска, Цветанка Димова, кои се поддршка за Александра Стојановска и Нена Трајчевска, носителите на тимот и во сезоната која следува.

Друга голема енигма се секако останатите партиципанти во друштвото на најдобрите. Дали Крива Паланка може да направи уште еден чекор напред, истото би можело да се каже и за Вардар, кој во последните години е секогаш на или при врвот во женскиот сегмент, па и делумно за Струга 2009 односно Работнички.

Прашање е колку можат да прикажат и екипи како што се Пробаскет, МЗТ Скопје Аеродром...

Исто како и во минатата натпреварувачка сезона, останатите екипи се дел од групата „Б“. Своја шанса за премин во друштво на најдобрите ќе бараат Риниа, Мега Баскет,Трокал, Патриот, Пантери, Шкупи, Гостивар, Куманово и  новаците во оваа конкуренција, екипите на Гризли, Тим Арена.

   

 

Поглед низ историјата

Ова ќе биде вкупно 29. шампионат од постоењето на македонската клупска кошарка во женска конкуренција. Прв освојувач на шампионската титула, во сезоната 1992/1993, е екипата на Иноспектар Студент.

Екипата на Вигор Скопје пак е најтрофејната. Под тоа име „вигорки“ осум пати му се радувале на шампионскиот пехар, и уште пет под името Бадел 1862.

Четири пати шампион на Македонија во оваа конкуренција била екипата на Кимико од Струга (2002 до 2006 година). Во два наврати шампионските одличја ги добиле кошаркарките на Тиквеш (Флорида, Балкан) во сезоните 1993/94 односно 2001/2002,

А од ланскиот шампионат, свое место во историјата на женската кошарка, како шампиони, има и за екипата на Баскет КАМ од Македонска Каменица која им се придружи и на останатите прваци како:

Агроопрема, Водњански Лисици, Младинец Изградба комерц, Кросиг и скопски Вардар.   

ДОСЕГАШНИ ШАМПИОНИ – ЖЕНИ

СЕЗОНА 1992/93: Иноспектар Студент – Симекс Скопје            3:0

СЕЗОНА 1993/94: Тиквеш Флорида – Студент       6:4 (серијата стартува со водство од 3-1 за Тиквеш Флорида)

СЕЗОНА 1994/95: Студент – Тиквеш Флорида       3:0

СЕЗОНА 1995/96: Агроопрема – Студент    3:0

СЕЗОНА 1996/97: Студент – Кочани  3:0

СЕЗОНА 1997/98: Вигор Скопје – Тиквеш-Кавадарци     3:1

СЕЗОНА 1998/99: Вигор Скопје – Профитнес Вест-Охрид         3:1

СЕЗОНА 1999/2000: Вигор Босс Скопје – Водњански Лисици-Скопје           3:2

СЕЗОНА 2000/2001: Водњански Лисици – Скопје – Вардар     3:1

СЕЗОНА 2001/2002: Тиквеш Балкан – Куманово  3:0

СЕЗОНА 2002/2003: Кимико-Струга – Профитнес-Охрид          3:1

СЕЗОНА 2003/2004: Кимико-Струга – Вигор Скопје        3:1

СЕЗОНА 2004/2005: Кимико-Струга – Вигор Скопје        3:0

СЕЗОНА 2005/2006: Кимико – Струга – Вигор Скопје      3:1

СЕЗОНА 2006/2007: Вигор Скопје – Билјана 006–Охрид           2:1

СЕЗОНА 2007/2008: Вигор Скопје – Младинец-Скопје  3:1

СЕЗОНА 2008/2009: Вигор Скопје – Билјана-Охрид        3:0

СЕЗОНА 2009/2010: Младинец – Вигор Скопје     3:1

СЕЗОНА 2010/2011: Вигор Скопје – Клубски          3:0

СЕЗОНА 2011/2012: Вигор Скопје – Кросиг Бадел           3:0

СЕЗОНА 2012/2013: Кросиг-Скопје - Вигор Скопје           2:1

СЕЗОНА 2013/2014: Бадел 1862 – Работнички      3:0

СЕЗОНА 2014/2015: Бадел 1862 – МНА Кожувчанка      3:0

СЕЗОНА 2015/2016: Бадел 1862 – Клупски 3:0

СЕЗОНА 2016/2017: Бадел 1862 – Вардар  3:0

СЕЗОНА 2017/2018: Бадел 1862 – Вардар  3:0

СЕЗОНА 2018/2019: Вардар – Бадел 1862  3:0

СЕЗОНА 2019/2020: Не беше прогласен шампион

СЕЗОНА 2020/2021: Баскет КАМ – Бадел 1862      3:1