04.07.2024

Во наредните неколку дена, селекторот Александар Јованчев ќе го селектира составот за нашиот тим „Под 16“ години

Почеток на подготовките на кадетската репрезентација (ФОТО)

Од вчера, „во погон“ е ставена и нашата машка кадетска селекција. Со првиот сообир во СРЦ „Кале“, нашиот национален тим „Под 16“ години ги започна подготовките за настап на Европското првенство од Дивизијата „Б“ кое од 8. до 17.август ќе се одржи во нашиот главен град – Скопје.

Селекторот Александар Јованчев и неговиот стручен тим се одлучија за еден поширок список на играчи, поради што првите работни денови ќе бидат во некоја рака и селективни. Ќе бидат проверени сите повикани кошаркари, и извесно, веќе на почетокот на следната седмица, стручниот штаб ќе има и појасна „слика“ за она што следува во наредниот период.

Согласно со испланираното, првиот дел од подготовките кадетите ќе го одработат во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје. На 14 јули следува гостување во Тиват, каде ќе бидат реализирани две контролни средби против соодветката селекција на Црна Гора.

По враќањето, за 25 јули е закажано учество и на турнирот во Гевгелија, каде е предвидено одигрување на уште три натпревари.

Гевгелија ќе биде втората „база“ на кадетската репрезентација, каде на 3. август, Македонија ќе ги одмери силите и со репрезентацијата на Исланд, по што мислите ќе бидат насочени кон Скопје, каде ќе се игра кадетскито европски шампионат на кој сме во улога на домаќини.