02.09.2020

ФИБА Европа направи сериозни промени во календарот за наредната натпреварувачка сезона

Почетокот на ФИБА Евро Купот поместен за 6. јануари, 2021 година

Бордот на ФИБА Европа уште еднаш дискутираше за актуелната ситуација во европската кошарка која ја предизвика пандемијата од КОВИД-19, и влијанието кое го има врз кошаркарскиот спорт на глобално ниво.

Особено во и околу организацијата на натпреварувањата за наредната сезона, 2020/2021.

Но и покрај желбата на водечките луѓе на ФИБА Европа натпреварувањата да продолжат што е можно побрзо, извесно е дека ќе следуваат одредени временски рестрикции.  

Како прва мерка е преместувањето на натпреварите во ФИБА Евро Купот, и тоа во двете конкуренции.

Натпреварите во машкиот сегмент ќе стартуваат на 6. јануари, 2021 годиа, со учество на 27.екипи, поделени во шест групи со по четири, и една група со три клубови-учесници.

Првопласираните две екипи од секоја група, плус уште две најдобри, според пласманот по одигрување на групата фаза, ќе обезбедат пласман во ТОП 16 фазата која ќе биде елиминаторна (дома-гости).

Ден подоцна, на 7.јануари, треба да почнат и натпреварите во женскиот сегмент, каде исто така ќе се игра според истиот систем.

Во исто време, ФИБА Европа ќе направи евалуација околу можноста за организација на натпреварите на едно место (како примерот во ФИБА Лигата на Шампионите). Односно според турнирски систем, но конкретните предлози ќе дојдат на следниот состанок на Бордот планиран да се одржи во октомври.