Најголемата легенда на македонската кошарка Лазар Лечиќ почина денеска во 86. година од животот.
Лечиќ беше активен во кошарката повеќе од шест децении, а освен во Македонија, остави длабока трага и на просторите на поранешна Југославија, како и во грчкиот гигант Арис чиј тренер беше од 1990 до 1992 година. Со кошарка почнал да се занимава во 1957 година како активен играч, но на терените поминал само пет години по што се насочил кон тренерската кариера.
Една деценија го водел Работнички, еден од најзаслужните е за изградбата на салата во „Градски парк“ во истиот клуб бил и од 1975 до 1978 година, а во меѓувреме и потоа ги водел Борац Чачак, Олимпија и Војводина. Во 80. години беше тренер на МЗТ Скопје, како и во 1996 година кога му го донесе трофејот во Купот на Македонија, прв во историјата на клубот.
Последниот тренерски ангажман го имаше во Николферт во 1999.
За неговиот квалитет, најдобро зборува податокот што е еден од ретките Македонци кои имаа важна улога во југословенската кошарка. Беше член на стручниот штаб на репрезентацијата на Југославија која во 1970 година стана светски шампион на Мундијалот во Љубљана. Последните две децении беше активен како советник и член на стручниот одбор, а неговите искуства беа драгоцени за сите млади тренери.
Погребот на Лазар Лечиќ ќе се одржи на 14 август на Градските гробишта Бутел од 10:30 часот.