31.08.2020

На првиот Мастерс турнир во Дебрецин, овој викенд, славеше српската „четворка“ под името „Лиман“.

Почна ФИБА „Светската серија“ во „3на3“

Екипата на „Лиман“ од Србија е победник на првиот Мастерс турнир од ФИБА „Светската серија“ во „3на3“, втор пат последувателно во последните три сезони.

Најдобро рангираниот тим во „3на3“, имаше перфектен учинок на првиот од трите турнири на ФИБА во „3на3“ одигран во вториот по големина град во Унгарија.

Во големото финале на собирот во Дебрецин, српскиот баскет-квартет славеше победа над најголемиот свој конкурент, литванската Утена со (21:17).

Александар Ратков и Стефан Стојачиќ реализираа по осум поени, а Стојачиќ беше избран за најкорисен играч на турнирот.

Ова беше првото ФИБА натпреварување по прекинот на активностите на 13. март, кои ги предизвика појавата на вирусот КОВИД 19.

Со оглед на околностите, и одличната организација на првиот, Дебрецин останува домаќин и на наредните два Мастерс турнири. Оној „унгарскиот“ ќе се одржи на 1. и 2.септември, додека„европскиот“ следува неколку дена подоцна, на 4. и 5.септември.