Без брзање, а со вистинска и целосна поддршка на државните протоколи кои максимално ќе ги заштитат здравјето на сите поединци вклучени во кошаркарскити спорт, денеска и официјално ќе почне новата сезона во Првата лига-мажи.
По 29. пат во историјата, стартува нашето најквалитетно натпреварување. Но, и за прв пат во едни околности за кои малку може да се наречат кошаркарски.
Пандемијата која ја предивика коронавирусот, нанесе голема штета на сите вклучени актери во кошаркарскиот спорт.
Но како што велат предводниците на нашите прволигашки клубови, не можеме без кошарка, без оглед на околностите.
Треба да се почне, портокаловата топка да биде потфрлена и да биде означен старт на нова прволигашка трка која ќе ја „трчаат“ 12. екипи, секоја со свои амбиции, очекувања...
Уште од првото коло... за жал, се надеваме само во уводната фаза од шампионатот, без присуство на публика, условено од актуелната здравствена ситуација не само во нашата земја, туку во целиот свет.
18.00: ТФТ – КУМАНОВО
(Сала на СРЦ „Кале“- Скопје)
Интересно, по одложувањето на два натпревари, дуелот во „Кале“ всушност ќе биде своевидна домашна „реприза“ на оној од пред неколку дена во БИБЛ лигата.
Со мала разлика, што во улога на домаќин вечерва ќе биде екипата на ТФТ, дебитант во најквалитетната конкуренција.
„За само неколку дена втор натпревар со екипата на Куманово, овојпат од рамките на домашното првенство. Би напоменал дека ова е првиот од седум натпревари во наредните петнаесетина дена за двете екипи во еден пеколно тежок распоред на стартот на првенството.
Направена анализа на претходниот натпревар, кратко време за подготовка на денешниот, сепак доволно за корекција на некои детали од играта. Двете екипи имаат појасна слика за противникот и пред сè за самите себе, за очекување е еден тежок и неизвесен натпревар до самиот крај, нешто налик на претходниот. Очекувам една психолошка реакција и подигнување на степенот на самодоверба кај моите играчи, борбата и желбата за победа, ве уверувам нема да изостане. Ќе сториме се што е во наша можност за премиерна победа и да го израдуваме нашето Тафталиџе“- порачува тренерот на „црно-белите“, Боро Смилковски.
Владимир Мирковски, тренерот на Куманово, потврдува дека „сино-белите“ ќе бидат хендикепирани за овој меч. Ама и тоа дека од своите играчи бара максимално залагање, пред сè, во одбраната.
„Со нетрпение го очекуваме стартот на новата сезона во кој се среќаваме со екипата на ТФТ по втор пат за краток период. Имавме време да направиме анализа од претходниот натпревар, секако со цел, да ја подобриме играта. Ќе имаме скратена ротација. Нема да играат Глигоријевиќ, кој има повреда на прстот, и Робев кого го мачи коленото. Но затоа пак очекувам максимум од останатите кошаркари. Пред сè, поголемо залагање во одбраната“.
18.00: АКАДЕМИЈА ФМП – ГОСТИВАР
(Сала „Независна Македонија“ – Скопје)
Тренерот на ФМП Академија, Александар Петровиќ вели дека со самиот факт дека е означен почеток на натпреварувањето е првата победа која ја оствариле во борбата со вирусот. Особено видлива во екипата која ја предводи, ако се земе в предвид заразата „закачи“ половина од екипата, и дека долго време не беа во тренажен процес.
„За среќа, не знам како да кажам подобро, трениравме во текот на целата оваа недела. Во едни вакви услови, најбитно е да сме сите живи и здрави. Битно е за сите нас кои сме во овој спорт, да почне да се игра кошарка. Иако оваа игра се игра за публика, која во овие услови ќе ја нема на трибините, и сето тоа делува помалку тажно. Важно е да играме, за да ја одржиме, кошарката да остане во живот. По еден долг карантин, моја желба е екипата да изгледа добро во натпревар против еден сериозен противник каков што е Гостивар. Екипа која сигурно ќе биде во врвот на прволигашката конкуренција. Наше е да дадеме сè од себе. Нема предавање. По подолго време, моите играчи ќе почувствуваат како е да е биде во некој натпреварувачки ритам. Нивно е да уживаат во кошаркарската игра, и да го дадат својот максимум“.
Со слични проблеми се соочува и неговиот колега на спротивната страна од теренот, Марјан Србиноски.
Тренерот на Гостивар нема да може да смета на комплетен состав во кој сепак ќе бидат и двајцата недоволно залечени, и важни кошаркари како што несомнено се Александар Костоски и Марјан Јанески.
„Не можеме да бираме, мораме да играме кошарка. Макар и во едни вакви услови, во кои здравјето на сите чинители во кошаркарскиот спорт е ставено на првото место. За жал, имавме проблеми со заразата. И уште ги имаме. Па дуелот со екипата на ФМП Академија доаѓа во дополнително лош, би го нарекол, термин. Но реков, треба да почнеме, да мислиме и на играта поради која и сме собрани во она што се вика КК Гостивар, или македонска Прва лига. Не можеме да чекаме, макар овие услови не дозволуваат некое професионално играње на кошарка“.
ПРВА ЛИГА-МАЖИ
ДВОЈКИ 1. КОЛО
ДЕНЕСКА:
18.00: ТФТ – Куманово (МРТ 3)
18.00: Академија ФМП – Гостивар (stream)
НЕДЕЛА:
16.00: МЗТ Скопје Уни Банка – Еуро Никел 2005
18.00: Работнички – МЗТ Скопје Аеродром (МРТ 3)
Вардар – Црн Дрим Грин Мобил одложено
Кожув – Пелистер одложено