МЗТ Скопје Аеродром или ТФТ, Пелистер или Еуро Никел 2005?
Кои од овие четири екипи ќе го поминат полуфиналниот филтер од доигрувањето за шампионскиот пехар наменет за најдобриот во Првата лига-мажи за сезоната 2021/2022.
Последното коло од Суперлигата одлучи екипите на Еуро Никел 2005 и на ТФТ да им се придружат на водечките МЗТ Скопје Аеродром и Пелистер. Во исто време и да ги формираат двете полуфинални двојки од кои ќе станат јасни и финалистите кој ќе се борат за титулата државен првак за сезоната 2021/2022.
Според она што се случуваше во изминатиот период од сезоната, се чини дека екипите на МЗТ Скопје Аеродром и Пелистер стартуваат како фаворити.
18.30: ПЕЛИСТЕР – ЕУРО НИКЕЛ 2005 (3-1)
МЕЃУСЕБНИ НАТПРЕВАРИ
Еуро Никел 2005 – Пелистер 85:90
Пелистер - Еуро Никел 2005 93:84
Еуро Никел 2005 – Пелистер 94:70
Пелистер - Еуро Никел 2005 100:83
Вкупен кош-количник: 353:346
Долго време беа најдобра екипа во лигата, но подзастанаа кога требаше да го потврдат првото место и најдобрата стартна позиција која со себе ја носи играњето на домашниот терен во салата „Боро Чурлевски“.
Факт е дека Пелистер ќе ја има предноста во полуфиналната серија од плеј-офот во која треба да го потврди квалитетот присутен во изминатите две сезони кај „зелено-белите“.
Нивниот прв тренер Марјан Илиевски сака сето тоа да го остават зад себе, во третата и финална фаза од шампионатот.
„Во секој спорт доаѓаат успони и падови, и се надевам дека ова што ни се случи, период во кој имавме недостатоци, ќе го оставиме зад нас. Верувам дека денеска ќе влеземе со фокус и подготвеност за пат кон финале. Секогаш велам дека заслужуваме да да бидеме, да играме финале. И градот Битола заслужува таков успех. Како што градот го препозна ова, и ни дава целосна поддршка, верувам дека и останатите кои постојано нè критикуваат, ќе продолжат да нè критикуваат, бидејќи тоа ни дава уште повеќе мотиви да сработиме уште подобро во плеј-офот“- вели предводникот на битолската екипа пред почетокот на полуфиналната серија со Еуро Никел 2005.
Горан Самарџиев, шефот н стручниот штаб на Еуро Никел 2005 им ја препушта улогата на фаворити на битолчани. Свесен дека овие мечеви од плеј-офот се сосема поинакви од оние „регуларните“.
„Ова полуфинале нека биде празник на кошарката, и нека победи подобриот тим. Еуро Никел 2005 е спремен за ова полуфинале со Пелистер и се надевам дека играчите ќе го дадат својот максимум, бидејќи полуфинале на плеј-оф не се игра секој ден. И овие натпревари се многу поразлични од првенствените, каде што сега нема право на грешки, и се игра до два добиени натпревари.
Екипата на Пелистер е фаворит, бидејќи игра на домашен терен. Но ние сме екипа која е искусна и ќе гледаме тоа да го покажеме на теренот. Очекувам полна сала во Битола, и одличен натпревар, па нека победи подобриот“- посакува Самарџиев пред гостувањето во Битола.
19.00: МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – ТФТ (3-1)
МЕЃУСЕБНИ НАТПРЕВАРИ
ТФТ – МЗТ Скопје Аеродром 82:90
МЗТ Скопје Аеродром – ТФТ 93:87
ТФТ – МЗТ Скопје Аеродром 73:69
МЗТ Скопје Аеродром – ТФТ 104:81
Вкупен кош-количник: 356:323
Битолчани долго време ја држеа лидерската позиција, но попуштија во оној втор дел од Суперлигата каде актуелниот бранител на титулата успеа да се искачи на првата стартна позиција. И за противник во полуфиналето да го има локалниот скопски ривал – ТФТ.
Екипа која им го одзема првиот трофеј, и екипа која дефинитивно нема да се предаде во претстојните натпревари од полуфиналаната серија која стартува вечерва од 19.часот во СЦ „Јане Сандански“.
Популарните „металци“ запишаа три во четирите првенствени дуели од првата односно суперлигашка фаза. Но, го загубија, оној кој досега беше и најважен за двете скопски екипи – во финалето на Купот.
Тоа е идејата водилка за „црно-белите“ и во оваа серија...
„Ако направиме една ретроспектива на сезонава – заклучокот е евидентен - имавме навистина успешна сезона, една од оние што навистина ќе ги паметиме сите ние кои бевме дел од ТФТ годинава. Сезона во која бевме дел од квалификацискиот турнир од ФИБА Еврокупот, дојдовме до втората фаза во БИБЛ лигата, станавме сензационален освојувач на Купот на Македонија, и еве нè моментално дел од самата елита и помеѓу четирите учесници во плеј-офот во првенството. Го имаме тимот на МЗТ Скопје Аеродром како противник. Екипа која веќе долги година наназад е најсериозниот фактор во македонската клупска кошарка. Минатогодишен освојувач на Купот и првенството, иден АБА 1 лигаш и пред се една сериозна организација во позадина на сите овие наведени успеси.
Добро сме тактички, физички и психички подготвени. Веќе одигравме пет натпревари со нив во сезонава од кои на два успеавме да триумфираме. Еден од нив за историскиот трофеј од финалето на Купот.
Направивме некои мали “адјустментс” во начинот на кој сакаме да играме со нив. Физички, апсолутно ни одговара еден ваков, би рекол, пеколен ритам од мозни три натпревари во шест дена. Психички посветивме и највеќе време на подготовка. Навистина верувам дека успеавме да го тргнеме притисокот од некој резултатски императив, истовремено посочувајќи на одговорноста спрема себе самите и остварените резултати сезонава.
Навистина е чест и привилегија да се биде учесник во плеј-оф од било кое натпреварување, МЗТ за противник - само еден огромен мотив плус да докажеме колку вредиме.
Првата можност ке ја имаме веќе вечерва, каде одеме по изненадување и ‘брејк’ во серијата за веќе во недела, на домашен терен, пред своите навивачи да се обидеме повторно да дојдеме до некој сензационален резултат и заедно да испишеме нова историја“ – вели помалку и самоуверено, како и секогаш, Боро Смилковски, „алфа и омега“ во ТФТ.
Од друга страна пак, Александар Петровиќ, шефот на стручниот штаб на актуелниот првак, очекува интересен плеј-оф.
„Ќе биде интересно, во секој случај. Играме против, за нас, еден доста незгоден притивник. Но, имаме предност на играње на домашен терен, и ќе дадеме се од себе и да ја искористиме, и да стигнеме до финалето. Спремни го дочекуваме доигрувањето, иако имаме ситни проблеми со повреди во екипата, како оние на Војдан Стојановски и Немања Милошевиќ.
Искрен да бидам, не очекувам некои изненадувања со оглед на тоа дека веќе одигравме пет натпревари со истиот противник. Помалку или повеќе е познато се помеѓу нас. Очекувам еден добар натпревар во кој ќе решава одбраната. Добар скок, лесни поени од транзиција, тоа е клучот на успехот. Факт е дека формата на екипата е во нагорна линија. Имаме серија од победи. Очекувам нашите навивачи да додат во поголем број.. Да креираат победничка атмосфера потребна за играчите во вакви, решавачки натпревари,во кои нема несто за ‘поправен’ “- смета искусниот стручњак на клупата на екипата од Аеродром.
Согласно со однапред утврдениот календар, полуфиналните натпревари ќе се играат на 27, и на 29. мај (недела), а ако биде потребно и на 31. мај (вторник), на теренот на подобро пласираните екипи во регуларниот дел од сезоната.
ПРВА ЛИГА-МАЖИ - ПЛЕЈ-ОФ-ПОЛУФИНАЛЕ
ДВОЈКИ 1. НАТПРЕВАР
27. МАЈ (ПЕТОК)
18.30: Пелистер – Еуро Никел 2005
Сала „Боро Чурлевски “- Битола
https://youtu.be/a2xEZtiryK4
19.00: МЗТ Скопје Аеродром – ТФТ (МРТ)
Голема сала на СЦ „Јане Сандански“ – Скопје
https://youtu.be/cyhV5jFv99E