30.11.2022

Во недела во Скопје, селекторот Владимир Мирковски ќе одржи два селективни тренинзи.

Почнува селектирањето на играчи родени 2009 година

Крајот на оваа седмица ќе биде почеток на селектирањето на уште една наша машка репрезентација. Онаа „Под 14“ години, на играчи родени 2009 година, кои ќе имаат свои активности во текот на 2023 година, а  ќе кулминираат со настап на традиционалниот меѓународен турнир „Словениа Бол“ во Словењ Градец.

„Во недела означуваме почеток на активностите на оваа наша национална селекција на играчи родени 2009 година. Испланирани се и првите тренинзи кои ќе бидат селективни. Ќе работиме во две групи, во раниот термин од 11 до 12.30 часот, ќе ги следиме играчите од 'скопскиот регион'. А од 12.30 до 14.часот, на тренинг ќе бидат и кошаркарите кои доаѓаат од другите делови на земјата“- појаснува селекторот Владимир Мирковски.

Тренинзите ќе се реализираат во салата на СУГС „Лазар Танев“ во Скопје, по што Мирковски ќе ги определи младите играли кои ќе продолжат со планираните активности

„Во договор со спортскиот директор, Марјан Србиноски, планираме да направиме и неделни тренинзи, а во почетокот на наредната година, од 9. до 16.јануари за време на зимскиот распуст и неколкудневни подготовки со овие момци. Во плановите ни се и учества на два турнири во текот на март и на мај, а кулминацијата ќе биде настапот на ‘Словениа Бол’ во август“- дополнува Мирковски.