07.11.2020

Овој викенд ќе се одигра првото коло во двете групи, „Исток“ и „Запад“

Почнуваат натпреварите од Втората лига-мажи: Многу поголем простор за младите!

Како и во минатата, сега со вкупно 20. екипи, направена е поделба во две натпреварувачки групи.

Во групата „Исток“ се екипите на: Струмица, Феникс 2010, Ангели, Баскет КАМ, Куманово 2, Ролинг 08, Борец Баскет, МКК Куманово, Пробаскет и Шкупи.

Во групата „Запад“ ќе се натпреваруваат екипите на: Тетекс ТТК, Спорт Тим, Партизан Водно Санс, Чаир 2030, Мега Баскет, Пелистер Медика карта, Риниа, ГКК Охрид, Хераклеа и Спарта.

A согласно системот за натпреварување, во регуларниот дел од сезоната 2020/2021, во двете групи ќе се одиграат вкупно по 18. првенствени кола.

Првопласираните четири екипи од двете групи, се пласираат во четвртфиналето, кое се игра во два добиени натпревари.

Четирите победници од четвртфиналните серии обезбедуваат пласман во полуфиналето на плеј-офот, кое исто така, се игра во два добиени натпревари.

Двете екипи кои ќе ги добијат овие полуфинални серии ќе бидат промовирани во членови на Првата лига-мажи за сезоната 2021/2022.

За очекување е оваа сезона во второлигашката конкуренција да има осетно подмладување во 20. играчки ростери на клубовите кои покажаа интерес за ова натпреварување.

Добар дел од второлигашките екипи ја искористија можноста да пријават максимален број на играчи (по четири) на т.н. „двојна лиценца“. Односно оние млади кошаркари кои чекаат шанса за минути во Првата лига, да имаат многу поголем „простор“ во Втората лига.

А некако најголем интерес кај второлигашите има од Куманово, градот каде што освен прволигашот Куманово 2009, се пријавени уште два клуба, МКК Куманово и Куманово 2, кои се дел од групата „Исток“. Оној третиот, Риниа, ќе биде во состав на групата „Запад“.

Големиот број на промени на играчи не даваaт и вистинска прогноза околу потенцијалните фаворити во трката за двете места кои водат во Првата лига.

Но екипите кои ги сочуваа ланските ростери, и дополнително ги засилија, како Ангели, Струмица, Феникс 2010 од Истокот, односно Партизан Водно Санс, Хераклеа, Тетекс ТТК, ги ставаат нешто понапред во однос на останатите.

Но тоа е само првичен „впечаток“, изненадувања секогаш постојат. По одигрувањето на првите неколку кола ситуацијата на теренот ќе биде многу појасно.

Второлигашите веќе добија една битка... Од денеска ќе се игра и кошарка и во Втората лига.

ВТОРА ЛИГА-МАЖИ  

ДВОЈКИ 1. КОЛО

ЗАПАД

САБОТА

13.00: Хераклеа- Спарта

14.00: Тетекс ТТК – Спорт Тим

17.30: Риниа - Охрид

НЕДЕЛА

12.00: Партизан Водно Санс – Чаир 2030

18.00: Мега Баскет – Пелистер Медика карта

 

ИСТОК

САБОТА

13.00: Пробаскет – Шкупи

НЕДЕЛА

13.00: Куманово 2 – Ролинг

16.00: Струмица – Феникс 2010

16.30: Ангели – Баскет КАМ

17.00: Борец Баскет - МКК Куманово