Следното Европско првенство во женска сениорска конкуренција е закажано за 2021 година, а квалификацискиот циклус официјално почнува денеска. Нашата женска сениорска репрезентација во првиот прозорец од евроквалификациите ќе се пресмета против Германија на гостински терен и против Летонија на домашен терен.
Натпреварот против германската репрезентација е закажан за денеска, со почеток во 19:00 часот. Три дена подоцна репрезентацијата на Летонија ќе гостува во Скопје.
Нашиот тим пристигна вчера во Нердлинген и одржа неколку тренинга во салата каде ќе се одигра натпреварот.
„Атмосферата помеѓу играчите како и меѓу играчите и стручниот штаб можам да кажам дека е извонредна. Здравствени проблеми, освен оние пред почеток на циклусот немаме така што ќе настапиме со сета сила со која располагаме во моментов. Во Германија сме примени одлично. Одржавме два тренинга, еден синоќа неколку часа откако пристигнавме како и еден утринава за воигрување и за шут. Ги скаутиравме со колегите од стручниот штаб и се подготвувавме да одговориме на нивниот начин на игра. Ние знаеме како треба да одиграме и верувам дека нема да се посрамотиме. За што ќе биде доволна нашата игра, тоа пред време не можеме да знаеме“ – истакна селекторот Владимир Ѓоровиќ.
Натпреварот ќе започне во 19:00 часот, преносот ќе биде достапен на YouTube каналот на ФИБА.