Вечерва во СЦ „Јане Сандански“ се одигра еден доста интересен контролен натпревар во кој на едната страна беше МЗТ Скопје Аеродром, а на другата МЗТ Скопје Уни Банка.
На истекот на 40.минути победи поискусната екипа, онаа која ја предводи тренерот Ѓорѓи Кочов. Славеше со сигурни (76:63).
Минути добија сите, а некако поентерски најмногу ги искористија репрезентативниот кандидат, Филип Бакоч, кој собра 15.поени и 7.скока. Еден помалку имаше Феми Олуџоби, а и покрај скратениот број на минути, капитенот Дамјан Стојановски уфрли десет поени имаше и пет скока.
Младите „металци“ може да се пофалат дека го добија вториот период од играта (18:14) со што на полувреме беа во негатива од само седум поени (27:35).
Поентерски во тимот кој го води Борче Даскаловски, се одвои „трилингот“ Леонид Тодоровски (19.поени), Андреј Андоновски (14) и Лука Савиќевиќ со 13.реализации.
*Нешто порано, во малата сала на СРЦ „Кале“ силите ги одмериjа екипите на Вардар и ТФТ. На крајот подобри беа „вардарците“ кои, изненадувачки, победија со двоцифрена разлика (74:64).
*Третиот контролен натпревар се одигра во Кавадарци. Во салата „Јасмин“ гостуваше екипата на Академија ФМП. А кошаркарите на Еуро Никел 2005 славеа со убедливи (77:53).
Многу работи околу победникот станаа појасни уште во првиот дел од играта во кој кавадарчани (без Дарко Соколов), прво направија убедлива предност (29:13), а на полувремето имаа уште повисоки (50:28). Освен стандардно одличниот во оваа фаза од подготовките. Мијатовиќ, своите минути максимално ги искористија Ранко Мамузиќ, како и еден од најмладите во тимот на тренерот Горан Самарџиев, Тодор Златев.